Почетна / Агроекономија и агробизнис / Со квалитет и контрола до сигурен пласман

Со квалитет и контрола до сигурен пласман

Со соработката меѓу земјоделците, трговците и преработувачите ќе се унапреди пазарот, а најголемо внимание ќе и се посвети на контролата на квалитетот на млекото и на месото, за што кон земјоделците и сточарите ќе има посебен пристап.

 

Валентина Ангеловска

Владата одлучи да го зајакне веќе воспоставениот систем за пазарни информации и пласман кои се доставуваат до земјоделците, преработувачите и до трговците, што треба да овозможи нивна поголема профитабилност и продуктивност, а ќе обезбеди дополнителни финансиски средства и во едукација и поддршка на овие целни групи за подобар пласман на домашниот и на странските пазари.

Ова се прави со цел да ја унапреди состојбата на ова поле и да даде поддршка за квалитетно производство и пласман на производите. Особено се истакнуваат системот за контрола на квалитетот на млекото, за чие подобрување е подготвена и посебна стратегија, и отценувањето на квалитетот на месото на линија на колење, за што кон земјоделците и сточарите ќе има посебен пристап. Ова се прави со цел лесно да се дојде до сигурен пласман на овие производи и до добра заработувачка. За почеток, Владата одлучи финансиски да ја помогне оваа сфера, да обезбеди и да овозможи пристап до пазарните информации и да овозможи едукација и поддршка на овие целни групи.

– Столб на системот е силен Пазарен информативен систем и финансиска поддршка за остварување на тесна соработка помеѓу земјоделците, преработувачите и трговците. Најважно е редовното функционирање на Пазарниот информативен систем (ЗПИС) во состав на Министерството за земјоделство, кој дава отчет за цените и за продадените количини на најбитните земјоделски производи. Тој ќе биде надграден со јакнење на капацитетот на лицата за собирање, контрола на квалитетот и веродостојноста на пазарните информации и нивно поврзување со независните системи за воведување пазарни стандарди и класифицирање на производите. Со тоа ќе се обезбедат повеќе корисни информации и предвидувања за пазарните движења, особено за странските пазари кои ја одредуваат цената на клучните земјоделски производи, и така добиените информации редовно ќе се доставуваат до земјоделците во вид на редовни билтени – вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Втора мерка е финансиска поддршка на системот за обезбедување пазарни информации.

– Во насока да се засили положбата и функционирањето на потсекторските групи во ефикасен систем, Владата во програмите за финансиска поддршка на земјоделството за 2013 г. ќе предвиди и ќе ангажира средства за поддршка на групите. Овие групи се веќе формирани и се составени од репрезентативните претставници од примарното производство и преработувачката индустрија, како и претставници на науката и образованието, и се однесуваат на стратегиските производи, месо, млеко, жито, овошје, зеленчук, тутун, вино и слично – вели Ѓорѓиев. Исто така, како мерка за подобрување на пазарната положба на ситните економски оператори на страната на побарувачката, Владата ќе спроведе дополнителни мерки за јакнење на капацитетот на групите на производители. Тоа се групи што се составени од субјекти кои имаат слично производство и учество на пазарот на слични производи, или тоа е форма на организација на едно скалило на задругите.

– Со овие мерки земјоделците, преработувачите и трговците тесно ќе се координираат, ќе го планираат производството, а со тоа ќе има помала загуба во производство или во пласман, и ќе се помогне во надоместување на недостатоците на потреби. Тие ќе имаат и увид во светските движења и потреби на странски земји, со што ќе можат да го подобрат и извозот и да остварат приходи и девизен прилив – велат во Владата.

Оттаму објаснуваат дека ја задолжиле Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот во насока на обезбедување квалитетни информации за надворешните извозни пазари, најдоцна до 20 ноември да направи анализа со цел да се утврди за кој конкурентен земјоделски производ и на кое ниво се задоволени потребите за квалитетни пазарни информации, а каде е потребно подобрување на достапноста на поголеми познавања.

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=0A36A1AB6930A742B0380EC1C5E51D0B

Check Also

ИПАРД грантови за насади од лешник

Во очекување на првиот повик од новата ИПАРД 2 програма за кофинансирање и  финансиска помош, …