Почетна / Вести Македонија / Сахара Груп ја заора првата бразда во Џумајлија

Сахара Груп ја заора првата бразда во Џумајлија

Индиската компанија во следните три години во Џумајлија ќе изгради регионален млечен центар инвестирајќи повеќе од 200 милиони евра. Ќе започне и изградба на фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма со над 20 илјади грла.

Проектот на Сахара Груп за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млекопроизводството станува реалност. Со православни и индиски обичаи за бериќетна работа во вторникот официјално започна реализацијата на Сахара проектот за земјоделие во Македонија. Сахара Груп во следните три години во Џумајлија ќе изгради регионален млечен центар инвестирајќи повеќе од 200 милиони евра. Ќе започне и изградба на фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма со над 20.000 грла. За еден месец ќе започне изградбата на објектите за сместување на добитокот, а за една година се очекува да биде пласирано првото млеко од оваа млекарница на македонскиот пазар. Инвестицијата на Сахара Груп ќе обезбеди вработување на околу 2.000 лица, а според надлежните со овој проект ќе се задоволат потребите на домашниот пазар со млеко и млечни производи и сточна храна.

– Проектот на Сахара Груп за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млекопроизводството од денес станува реалност. Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години. Оваа инвестиција на Сахара Груп” во Овчеполието ќе претставува препород за регионите на Лозово, Свети Николе, на целото Овчеполие. Во најдобрите денови на агрокомбинатот Џумајлија” имаше околу 500 вработувања креирани во земјоделството. Очекуваме врз основа на договорот којшто го потпишавме во вкупно три години да бидат реализирани околу 2.000 директни вработувања, а секако ќе има индиректни ефекти, односно индиректни вработувања што ќе ги донесе овој проект – истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Според него, оваа инвестиција освен средства ќе донесе и знаење кое е потребно за подигнување на конкурентноста на македонското земјоделство.
– Спојот на плодната македонска земја и квалитетот на производството што го нуди Индија во делот на земјоделството ќе придонесе македонските земјоделски производи да имаат поголема конкурентност и приносите да бидат поголеми за околу 30% во однос на сегашните, како и да се произведува квалитетно млеко што ќе биде нов извозен производ за Република Македонија – рече Ставрески.

Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски оцени дека проектот претставува потврда на заложбите на Владата во обезбедувањето услови за влез на странскиот капитал и сериозно инвестирање во регионите каде што тоа е најпотребно.

– Покрај ревитализацијата на најзначајните, но запустени производни капацитети на бившиот агрокомбинат “Џумајлија”, според договорот за закуп кој со одлука на Владата е склучен со Министерството за земјоделство, инвестицијата при постигнување на полниот капацитет во предвидениот период од три години треба да даде значителен придонес во развојот на млечниот сектор преку нови количини производство на млеко од 80.000 литри на дневна основа и производство на сточна храна од 75.000 тони годишно – нагласи Димовски.

Генералниот менаџер на Сахара Груп, А. П. Сина рече дека имаат капацитет да го реализираат проектот и да ги исполнат ветувањата дадени пред македонските граѓани и пред Владата.
Во следниот период ќе започнат работите за обезбедување на инфраструктура за извршување на земјоделските активности. Ќе се набават машини и следната година ќе започне и изградбата на модерната млекарница која ќе биде енергетски ефикасна. Во оваа модерна фарма ќе има современ систем на молзење и напред технологија за надгледување на сточниот фонд. Во тимот на Сахара Пјур се експерти од Индија, Европа, САД и Саудиска Арабија кои работат со години на вакви фарми имаат искуство.

Сахара Груп го доби земјоделското земјиште во пропаднатиот агрокомбинат на концесија од 15 години со можност за продолжување, а годишниот закуп што треба да го плаќа е 121.000 евра.
“Џумајлија” е вториот најголем агрокомбинат во Македонија. Поседува 6.000 хектари обработливо земјиште и 6.000 хектари пасишта. Пред да пропадне годишно произведуваше над 20.000 тони житни и фуражни култури.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …