Почетна / Вести Македонија / Рекорден извоз на конзервната индустрија лани

Рекорден извоз на конзервната индустрија лани

Лани конзервната индустрија остварила рекорден извоз на преработки од земјоделски производи.

 

Според податоците од Македонската асоцијација на преработувачи (МАП), во 2012 година е реализиран извоз од оваа гранка со вкупна количина од 40,5 илјади тони, односно 46,1 милион евра, што претставува рекордна вредност за извоз што досега е постигната во оваа гранка.
– Вкупно 43 преработувачки капацитети лани произведоа 54,1 илјади тони што претставува резултат што е на ниво на рекордот од 2008 година кој го остваривме пред почетокот на светската криза. Реализираниот извоз лани изнесуваше 40,5 илјади тони од што беа остварени 46,1 милион евра што претставува рекордна бројка постигната во оваа гранка – изјави заменик-министерот за земјоделство Зоран Коњановски на презентацијата на годишниот извештај на МАП во Гевгелија.

Според него, оваа гранка е исклучително значајна затоа што вработува околу 1.100 постојано вработени и 3.300 сезонски работници.
– Фактот што компаниите од МАП извезуваат дури 53% од вкупниот извоз во земјите-членки на ЕУ е доказ за имплементацијата на стандардите во производството. На таа тема ќе продолжиме заеднички да работиме и да освојуваме нови пазари – истакна Коњановски, додавајќи дека државата воведува дополнителна финансиска поддршка за предадено градинарско и овошно производство во преработувачки капацитет со цел задржување на постоечките и освојување на нови пазари.

Преработувачите беа информирани за измените на ИПАРД програмата кои се во насока на нивните барања пред стартот на новата сезона.
– Разговаравме како да ги подобриме перформансите на преработувачката индустрија, како да се зголеми откупот на зеленчук и овошје и како да ги подобриме извозните перформанси – изјави извршниот секретар на МАП, Сашо Ристевски.
Резултатите во извештајот на МАП се добиени врз база на одговори добиени од 43 активни компании кои се занимаваат со преработка на овошје и зеленчук.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …