Болеста, која кај народот е позната како „костенов рак“, се заканува да го уништи питомиот костен во Полошко, но и во други региони од Македонија.
Голем број костенови стебла, некои стари и по стотина години се сушат и изумираат. Причинител е габа, која ја напаѓа кората на костенот и за која с` уште нема ефикасен лек. Kако најзагрозени региони во Македонија се токму тие на Шар Планина: Вратничкиот, Беловишкиот, Теаречкиот и регионот на Јелошник, кои имаат голем број костенови стебла.
– Оваа болест во реонот на Шар Планина прв пат е регистрирана пред четириесетина години, но последниве неколку години зема с` поголем замав. Според некои процени во овие региони се заболени околу 30 проценти од костеновите дрва. Токму затоа треба брзо да се реагира и да се преземат опсежни мерки за едукација на населението за заштита од болеста. Само така ќе успееме да го спасиме ова растение, кое покрај тоа што има квалитетна дрвена маса, дава и извонредно вкусни и хранливи плодови – вели Сашо Матовски од Здружението „Бела Виста“.
За да се едуцира населението, но и за да се запознае и мобилизира пошироката јавност за болеста што го зафаќа питомиот костен, „Бела Виста“ во соработка со Македонското еколошко друштво и германската невладина организација Еуронатур, презедоа низа активности. Во тетовски Јелошник, каде што болеста е најизразена, се организира манифестацијата „Kостенијада“ на која можеше да се дегустира познатиот печен шарпланински костен, да се проба костеновиот мед и многу колачи направени од костен.
Во наредниот период на 10 локации во регионот, во соработка со Шумарскиот факултет од Скопје ќе се одржи обука на населението, како преку кастрење на заболените делови на дрвото, да го спречи ширењето на оваа болест.
Габичната болест cryphonectria parasitica (костенов рак) навлегува во дрвото преку пукнатини. Инфицираните гранки може да изумрат и за една година, а за 4-5 години, ако не се преземат мерки, може да се исуши и целото дрво. Болеста не е опасна за човекот, но е фатална за питомиот костен. Таа е присутна во повеќето земји во Европа како и во земјите од нашето опкружување, а најмногу во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Дека станува збор за мошне опасно и тешко заболување на дрвото зборува и податокот дека од почетокот на минатиот век, кога се појавила, па во наредните четириесетина години, оваа болест речиси целосно ги опустошила костеновите дрвја во Северна Америка.
Зоран Андонов
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=0F57907AE65A9F4B95ADE4664B8EE1E8