“Млин Стојчев” и должи 5,9 милиони евра на НЛБ Тутунска банка. Млинот е веќе во рацете на извршители кои го нудат целиот имот на продажба за сума од околу 6,5 милиони евра.
Поради долг од 5,9 милиони евра за кредит, НЛБ Тутунска банка преку извршител го продава целиот имот на еден од најголемите млинови во државата, Млин Стојчев” од Битола. Според објавата од извршителот Николина Иванова, на барабан е ставен целиот имот на млинот во вкупна вредност од 6,5 милиони евра. Се продаваат пекарницата, масларницата и млинот со целата опрема, објектите и земјиштето. На продажба е објавен и целиот возен парк во сопственост на Млин Стојчев”. Првото јавно наддавање ќе се одржи на 26 овој месец во просториите на извршителот, а сите заинтересирани лица ќе можат лично да ја увидат состојбата во која се наоѓа млинот. На првото јавно наддавање млинот се продава во целина, односно, според извршителот нема да се продава на делови.
– Дали ќе се јави некој заинтересиран да го купи млинот засега не може да се каже, бидејќи првото јавно наддавање е закажано за две недели. Засега никој нема покажано интерес – изјави извршителот Николина Иванова.
Во својот состав “Млин Стојчев” поседува силос со капацитет од 6.000 тони пченица, млин со капацитет од 50 тони брашно на ден и пекарски капацитет од 4.000 леба на час. Покрај производството со преработка на пченица, Млин Стојчев” има и рафинерија за рафинација на масла за јадење со капацитет од 100 тона на ден, односно 30.000 тони годишно.
Лошата финансиска состојба во која западна Млин Стојчев” минатата година резултираше со кривична пријава за неговиот сопственик, поради злоупотреба на државните резерви. Во август лани сопственикот на Млин Стојчев”, Благој Стојчев, доби кривична пријава, бидејќи во текот на 2011 и 2012 година искористил пченица од државните резерви која била оставена на чување во неговиот млин, со што го оштетил буџетот за над 24 милиони денари.
Според информациите од МВР Стојчев искористувајќи ја својата службена положба, неовластено продал 1.560.856 килограми меркантилна пченица, задолжителна стокова резерва.
Извор: vecer.com.mk