На плантажите во „Манчово Поле“ на компанијата „Рудине – М“ започна масовната берба на вишни од овогодишната реколта.
Во бербата, покрај вработените на „Рудине – М“ се вклучени и неколку стотици сезонски работници од Делчево, од Кочанско, Радовишко, Прилепско и од други места, пишува МИА.
Годинашниов род на вишни во Делчевско се проценува на над 1.200 тони квалитетна вишна, од која над 90 отсто ќе биде пласирана на пазарите од земјите на Западна Европа.
Покрај родот од сопствените плантажи „Рудине – М“ врши откуп на вишни и од своите кооперанти и од други приватни производители. Набраните вишни се транспортираат и сместуваат во сопствениот ладилник, по што ќе се изврши нивно обескостување и обработка.
Според информациите од стручните лица квалитетот на годинашниов род е мошне висок, а тоа го овозможија пролетните дождови и наводнувањето од системот „капка по капка“.
– Задоволен сум од количествата и квалитетот на вишните, а за разлика од лани, кога вишната се продаваше за 18 денари, сега цената достгнува и до 30 денари за килограм, изјави Славчо Гоцевски.
Задоволни се и сезонските берачи, за кои има организиран превоз и исхрана и што можат да заработат и до 1.200 денари дневно.
Извор: kurir.mk