Откако е на оваа функција, министерот одржал најмалку 15 средби со производителите и преработувачите од речиси сите земјоделски сектори. Приоритет за него остануваат стратешките култури како пченицата, тутунот и лозовите насади.
Вкупно 75.000 тони пченица се откупени досега по просечна цена од 11 денари за килограм, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Како што рече Цветков, приносот годинава е рекорден, од 3,5 тони на хектар до дури шест тони во Пелагонија, но квалитетот е послаб.
Големите земјоделски стопанства немаат никаков проблем, ниту со количината, ниту со квалитетот зашто користат сертифицирано семе и применуваат соодветни агротехнички мерки.
– Владата ќе продолжи да ги поддржува земјоделците, да им помага, особено на помалите, но и тие од своја страна треба нешто да сторат. Мора да го подобрат производството, да употребуваат квалитетно, сертифицирано семе, и соодветно да ја обработуваат почвата, истакна Цветков.
Откако е на оваа функција, министерот одржал најмалку 15 средби со производителите и преработувачите од речиси сите земјоделски сектори. Приоритет остануваат, нагласи, стратешките култури како пченицата, тутунот и лозовите насади.
Министерот најави измени на законот за заштитните препарати во земјоделството. Ќе се дефинира конкретно кој ќе може да ги увезува. Притоа, обврзно ќе биде декларирањето со точно назначено потекло и содржина. Пред пуштањето на препаратите во промет ќе се анализира процентуалната застапеност на активната материја во нив со оглед на можните малверзации во овој дел, односно разредувањето и продажбата по повисоки цени. Цветков подвлече и дека е недозволиво тоа што препаратите за заштита во земјоделството кај нас се три пати поскапи во однос на оние од соседството и Европа. Согласно законските измени, ќе се пропишат и казни за увоз на несоодветно декларирани препарати кои меѓу другото ќе предвидуваат и одземање на лиценците за продажба на најмалку пет години.
Лозарите бараат два денари повеќе, 13 денари за смедеревка, 15 за вранецот
Претставници на здружението Агротиквешија” на средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков истакнаа дека поради неповолните климатски услови годинава родот на грозјето ќе биде преполовен и очекуваат откупните цени да бидат поголеми од лани. Поради високите трошоци за заштита на насадите и помалиот род цена од 13 денари за килограм за смедеревката и 15 за вранецот би била реална сметаат лозарите. Ова е два денари повеќе од откупната цена лани.
Како што информира Министерството, министерот Цветков посочи дека законот за винарство ќе мора да се почитува, односно винариите доколку сакаат да се вклучат во откупот не смеат да имаат долгови кон лозарите.
“Винарските визби должници веќе го намалуваат долгот што дава оптимистички проценки дека стартот на откупот треба да биде на задоволство на двете страни”, соопшти Министерството.
Министерот Цветков во текот на наредните денови ќе има средби со претставници на поголемите винарски визби, а потоа заеднички состанок со земјоделските здруженија и винарниците.
Извор: vecer.mk