Почетна / Вести Свет / Европските фармери ги трпат последиците од руските санкции

Европските фармери ги трпат последиците од руските санкции

Додека западните мултинационални компании се понудија да им помогнат на малите локални фабрики да се справат со забраната, малите фармери немаат таква среќа, јави Ројтерс.

Тие посочуваат дека веќе се враќаат камиони со стока што тргнале за Русија, во северна Грција е запрена испораката на 8.000 тони праски, а стравувањата од последиците од забраната стануваат с` поголеми бидејќи санкциите зафаќаат производи од шпанската шунка до шкотската скуша.

Русија го забрани увозот на повеќето видови храна од Запад поради санкциите на САД и ЕУ, наметнати на Москва за нејзините дејства во Украина. Околу 10 отсто од европскиот земјоделски извоз оди за Русија, а неговата вредност е околу 11 милијарди евра годишно, според податоците на ЕУ.

Се очекува цената на норвешкиот лосос да опадне за 10 отсто во наредната недела, принудувајќи ги земјоделците да се борат за нови пазари во момент кога цените веќе се подложени на притисок. Важно е производителите да го намалат своето производство, истакна експерт, кој одби да биде именуван.

– Kога забраната беше објавена, настана тотален хаос – изјавил експертот за Ројтерс.

Голем удар се очекува да поднесе шкотската риболовна индустрија бидејќи Русија е важен пазар за извоз на скуша. Претставникот на шкотскиот риболовен сектор истакнал дека е „исклучително загрижен“.

Удар на млечната индустрија

Данската компанија „Арла фудс“, еден од најголемите млечни кооперативи во Европа, престана со производството на сите стоки за рускиот пазар. Вредноста на рускиот извоз на компанијата изнесуваат 1 милијарда дански круни годишно (179,6 милиони долари) или 1,3 отсто од годишните приходи на „Арла фудс“. Портпаролот на компанијата истакна дека фирмата се обидува да извезува во други земји или да се преориентира на други производи наменети за други пазари.

Ирска, исто така, е голем производител на млечни производи и има голем извоз на храна и пијалаци за Русија.

– Фармерите се загрижени од домино-ефектот на пазарот на сирење во Европа. Исчезнува најголемиот извозен пазар и тоа сирење треба да се пласира некаде. Моментот едноставно е лош. Цените на млекото веќе паѓаат. Фармерите ја прошируваат својата дејност над европските квоти и в година Русија требаше да биде растечки пазар – рече Шон О’Лери, производител на млеко во Јужна Ирска и претседател на комитетот за млечни производи при ирската земјоделска асоцијација.

Грчки праски, шпанска шунка

Грција извезе околу 160.000 тони овошје за Русија минатата година во вредност од 180 милиони евра, според грчката асоцијација на извозници на овошје „Инкофруит-Хелас“.

Христос Јанакакис, претседател на асоцијацијата која претставува околу 5.000 производители во Иматија, регион во северна Грција во кој се одгледуваат праски, посочи дека поради санкциите, околу 8.000 тони праски останале во ладилниците.

– Русија ни е главен пазар. Околу 50 до 60 отсто од извозот на праски од регионот оди за Русија. Производителите веќе настрадаа оваа година од кризата во Украина, која ни е втор пазар по големина. Ембаргото ќе предизвика голема криза во земјоделската заедница на регионот – рече Јанакакис.

Во Шпанија, каде што економијата конечно излегува од долготрајна рецесија, производителите на овошје, зеленчук и месо, вклучувајќи на шунка, велат дека се многу загрижени.

– Секоја забрана на производи создава вишок на стока и голем пад на цените. Ова влијае и на малите и на големите производители, а не само на извозниците – вели Мигел Падилја, раководител на земјоделската и стоковна асоцијација ЦОАГ.

Здружението е со седиште во јужната област Мурсија, голем производител на овошје и зеленчук, од каде за Русија годишно се извезуваат земјоделски производи во вредност од околу 33 милиони евра. Русија е голем купувач на праски, марула и карфиол од Шпанија.

ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ СЕ ПЛАШАТ ОД ПАД НА ЦЕНИТЕ

Силното лоби на француските земјоделци бара итно повлекување од европскиот пазар на сите овошки и зеленчук, кои веќе не можат да се извезуваат во Русија. Причината за ова е што производителите се плашат дека прекумерната понуда екстремно ќе ги намали цените на храната. Се бараат ладилници и други алтернативи за чување на овошјето и на зеленчукот.

Група експерти од Европската комисија веќе работат на решавање на проблемот. Според нив, ветените 400 милиони евра субвенции за европските земјоделци не го решаваат проблемот бидејќи во Русија од ЕУ се извезува стока во вредност од 12 милијарди вера. Само францускиот извоз во Русија претставува околу 1 милијарда евра.

ШТЕТИ И ВО ТУРИЗМОТ

И шпанската туристичката индустрија, една од главните економски двигатели на земјата, може да претрпи сериозни последици поради руските санкции.

Руските туристи потрошиле 1,6 милијарда евра во Шпанија или околу пет пати повеќе од сумата од 388 милиони евра, која земјата ја добива од извоз на храна во Русија.

За Финска може да се каже спротивното. Санкт Петербург е на околу 200 километри од финската граница и локалните жители од финската страна се надеваат шопинг-туризмот делумно да го компензира ударот од забраната за увоз на храна во Русија.

– Многу е веројатно шопингот тука да се зголеми. Сепак, од некаде треба да земаат храна – вели Рејо Тервел, кој раководи супермаркет во Лапенранта, на неколку километри од руската граница.

– Веќе видовме луѓе да складираат резерви, главно со сирење и производи од соја – додаде тој.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …