Според официјалните податоци, за осигурување се одлучиле само еден отсто од земјоделците иако државата субвенционира дури 60 отсто од сумата на полисата.
Од 70.000 земјоделци, колку што се официјално регистрирани кај нас, за осигурување на своите насади се одлучиле само околу 1.000 земјоделци. Бројката е фрапантна ако се знае дека државата за оваа намена субвенционира дури 60 отсто од сумата на полисата. Фармерите, пак, со своја приказна. За нив сумата од 40 отсто, колку што останува да платат, е многу висока и неисплатлива. Експертите објаснуваат дека мора да се најде начин земјоделците да се осигураат и ги посочуваат примерите од соседните земји каде што премиите и субвенциите не се исплаќаат ако земјоделците не се осигурени.
Во прилог на ова е и последната информација до која дојде „Дневник“ – дека од следната година можно е повеќе да не се користат противградобитните ракети. Ако дојде до тоа, в година сигурни ќе бидат само осигурените фармери. Причина за укинување на ракетите се старите рампи, недоволниот број луѓе што работат во станиците и неможноста да се дејствува во сите градови на земјава поради големата густина на сообраќај. Од Хидрометеоролошкиот завод не се сигурни дали в година повторно ќе се пука во градобитните облаци. Велат дека Владата треба да го каже последниот збор.
– Годинава имавме буџет од 2,7 милиона денари за набавка на ракети. Точно е дека опремата ни е стара и во градобитните облаци се пука само во одредени делови од земјата. Дали следната година ќе има противградобитни ракети, треба да реши Владата – велат во УХМР.
– Прво сушата што предолго траеше, потоа дождови, кои се добредојдени само за одредени култури. Времето н` отепа. Свесни сме дека осигуреното е најсигурно, но полисите се со многу високи цени. Треба да платиме колку што ни е ќарот. Затоа и многу малку од нашите членови се осигуруваат, велат во Сојузот на земјоделците на Македонија. Свесни се дека некои од нивните членови се неедуцирани, немаат доволно информации што добиваат ако се осигурани или што можат да изгубат ако не се. Земјоделците предлагаат да се направи некој фонд во кој секој од нив би уплаќал одредена сума пари секоја година и тие средства да се трошат за земјоделците што ќе имаат штети од невреме.
Во Владата се свесни за незаинтересираноста на фармерите за осигурување на родот. Велат дека засега не планираат да го укинат надоместокот за штети, но дека процентот се намалува.
– Свеста на земјоделците мора да се смени. Смешно е да се надеваат дека ќе нема невреме и дека ќе имаат род ако се знае дека Владата им покрива 60 отсто од трошоците за полисите преку субвенциите. Точно е дека даваме пари за обесштетување од невреме, но сумата е многу мала и не ги покрива загубите – велат во Владата.
Во осигурителните компании сметаат дека малиот интерес и слабата заштита од градобитни облаци се дел од условите поради кои не се заинтересирани за работа со земјоделците. Оттаму велат дека се случува земјоделците да ја платат само првата рата за полисата и доколку нема штета на крајот од реколтата, воопшто не се појавуваат, па затоа на име на неплатени полиси секоја година отпишуваат нечии долгови.
Сите осигурителни компании се единствени дека цените се можеби високи за нашите земјоделци, но дека може да се намалат само ако се зголеми бројот на лицата што ќе се осигураат. Во Министерството за земјоделство објаснуваат дека земјоделците мора да почнат да се осигуруваат бидејќи тоа е единствен начин да се заштитат.
Валентина Ангеловска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=B78FF7CDB1811D449A93FC1E72F7E743