Почетна / Лозарство и овоштарство / Бившиот директор на ИМБ отвора млекарница

Бившиот директор на ИМБ отвора млекарница

Иако во Пелагонија последниве две години е преполовено производството на сурово млеко, Живко Радевски вели дека подготовките за отворање се во завршна фаза, а во тек е набавка на опрема.

Според најавите, Македонија за кратко време ќе добие уште една млекарница. Во услови кога останатите млекарници кубурат со обезбедување суровина и секојдневно бараат нови кооперанти, поранешниот директор на Битолската млекарница, Живко Радевски, отвора сопствен бизнис и тоа со преработка на млеко. Иако во Пелагонија последниве две години е преполовено производството на сурово млеко, Радевски вели дека подготовките за отворањето се во завршна фаза, а во тек е набавка на автоматизиран систем за ладење на млекото од Германија. Се очекува опремата да пристигне до крајот на месецов, а пред Нова година млекарницата треба да почне со производство на свежи млеко и јогурт, а во 2013 година ќе почне производство со пастеризирани производи. 

Додека некои од млекарниците се соочуваат со недостиг на сурово млеко, а некои во изминатиот период се снабдуваа од увоз, Радевски планира да го разработи домашното примарно производство. 

– Веќе имаме ангажирано луѓе на терен да обезбедат кооперанти. Фармерите во минатото, додека бев директор на Битолската млекарница, беа мои кооперанти и повеќето од нив беа незадоволни од условите што им ги даваат млекарниците, од порано бараа да соработуваат со мене – вели Радевски. 

Тој објаснува дека на кооперантите нема да може да им понуди многу повисоки откупни цени за млекото, но планира да го плаќа квалитетот.

– Цените ќе бидат пазарни зашто и економијата денес е пазарна. Она што денес им го плаќаат млекарниците – 20 денари за литар – го плаќавме ние уште пред седум години, додека бев директор на Битолската млекарница. Во млекарницата што ќе ја отворам ќе се плаќа според квалитетот на млекото, така фармерите ќе бидат стимулирани да произведуваат квалитетно млеко и да ги зголемуваат грлата – додава Радевски.

Во прво време планира да почне со дневен откуп на 20 тони млеко, а подоцна да ги зголеми количините. Млекарницата треба да биде сместена во објектот каде што се наоѓа и неговата конзервна фабрика. 

– Тешко е на пазарот да се бориш со цени заради увозот на млечните производи однадвор. Така станавме дистрибутивен центар на млекото од Србија, а производите на сите хрватски млекарници се присутни на македонскиот пазар – вели Радевски. 

Според официјалните бројки, Македонија годишно троши околу 40 милиони долари за увоз на млеко, а извезува едвај за десет милиони. Само во последните две години вкупниот извоз на млеко и на млечни производи е намален за 18 отсто, а увозот е рапидно зголемен. Во исто време, потрошувачката на млеко на жител е 180 литри годишно, што е далеку помала од светското ниво. Според податоците од Министерството за земјоделство, во последните три години државата издвоила вкупно 18,5 милиони евра за субвенционирање на производителите на млеко. Во 2008 година за кравјо, овчо и козјо млеко биле издвоени 8,4 милиони евра, во 2009 година само за кравјо млеко се исплатиле 4,8 милиони евра, а лани 5,3 милиони евра. 

Kоличините на произведено сурово млеко се намалија по пропаѓањето на Шведската млекарница, која им должи на фармерите 4 милиони евра за неисплатеното, а откупено млеко. По ова фармерите беа принудени да ја продадат стоката за да ги отплатат долговите. Покрај ова, и ниските откупни цени на млекото придонесоа да се преполови добиточниот фонд во Македонија, а пред сè во Пелагонија, регион кој во минатото беше најбогат со млеко.

Валентина АнгеловскаЖанета Здравковска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=B4BB24253053B642A71F17E0298B6C6F

Check Also

Актинидија (киви)- Actinidia chinensis

Актинидијата потекнува од Кина од долините на реката Јанг це Кјан. Таа е дводомно растение, …