Почетна / Вести Македонија / Од земјоделство и младите може добро да живеат

Од земјоделство и младите може добро да живеат

И од земјоделство може добро да се живее. Тоа е работа како и секоја друга. Останува време и за студирање, но и за излегување и за дружење. Само треба добра организација.

 

Вака Тимо Kрстев од струмичкото село Иловица ја почнува својата приказна. Со своите 23 години веќе е член на Управниот одбор на Федерацијата на фармери на Македонија и член на мрежата на млади фармери. Тој е градинар и одгледувач на јагоди. Потекнува од земјоделско семејство и еден од триесетината млади луѓе од струмичкиот регион кои се членови на ова земјоделско здружение. Експертите велат дека од речиси 70.000 регистрирани земјоделци во земјава, помлади од 40 години се само 9.700. Според статистиката, последниве неколку години бројката на млади земјоделци расте, а како причина за тоа се наведуваат посебните програми за субвенционирање, кредитите кои може да ги добијат, ИПАРД-фондовите и слично. И за Тимо поволните услови и развојот на аграрот, кој во последно време се движи по нагорна линија биле главна причина да стане млад земјоделец. 

– Земјоделството беше логичен избор за мене. Живееме на село, моите се земјоделци долги години и уште од мали нозе се занимавам со оваа дејност. По завршувањето на средното образование, своето знаење почнав да го надградувам на Факултетот за земјоделство и храна во Скопје. Сега често патувам по саеми, по организирани работилници, и она што ќе го видам како новитет се обидувам да го применам и на моите ниви – вели Kрстев.

Годинава како и лани младите земјоделци ќе добијат околу 10.000 евра субвенции од програмата за рурален развој. Огласот е веќе објавен од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој. Младите земјоделци парите ќе може да ги искористат за отворање нови бизниси, но и за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство. Еден од условите е да се запишани во регистарот за земјоделски стопанства. 

– Максимална вредност на прифатливи трошоци од корисник за мерка изнесува до 600.000 или околу 10.000 евра. Првично е наменета за помош на млади земјоделци за започнување земјоделска дејност. Подносителот на барањето треба да има минимум средно образование од областа на земјоделството или да поминал обука за добивање квалификации за земјоделска дејност. Тој треба да е носител на земјоделското стопанство и да ги почитува добрите земјоделски практики и мерките за заштита на природата и на благосостојбата на животните – велат во Министерството за земјоделство.

Според статистичките податоци, младите земјоделци се обично лица кои по завршеното средно образование не го продолжуваат образованието, па помагајќи им на родителите, несвесно стануваат земјоделци. Меѓутоа, с` повеќе има и такви кои ќе завршат факултети, а сепак ќе решат да продолжат да се занимаваат со земјоделството бидејќи за нив е попрофитабилно. 

Во Македонија само 1,2 отсто од вкупниот број земјоделци се млади фармери. Тие главно го наследуваат семејниот бизнис од своите родители, но работат стихијно, онака како што работеле и нивните предци. До скоро многу малку од нив користеа нови технологии, но оваа состојба последниве неколку години е сменета. Сега се трудат да го осовременат нивното производство и да ги искористат странските искуства.

Според официјалните податоци, минатата година над 10.000 млади земјоделци поднеле барања за субвенции, што е 13,5 проценти од вкупниот број апликанти. Само 24,5 отсто од фармите се во сопственост на земјоделци помлади од 45 години. Околу 7 проценти од земјоделците се помлади од 35 години. Вкупно 3.473 се евидентирани како земјоделци до 40 години. 

Извор:dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …