Станува збор за четириесетина тони брашно увезено од повеќе увозници, од што поголемиот дел воопшто не бил пуштен во промет, односно бил во магацините на увозниците.
Kанцерогено пченкарно брашно од Србија е увезено во Македонија. Лабораториските мостри што беа земени минатата недела од страна на Агенцијата за храна покажале присуство на афлатоксин над дозволеното во неколку примероци на ова брашно дојдено од Србија. Станува збор за четириесетина тони увезени од повеќе увозници, од што поголемиот дел воопшто не бил пуштен во промет, односно бил во магацините на увозниците. Согласно со наредбата на Агенцијата, од пазарот се повлекуваат околу 10 тони пченкарно брашно.
Kоличествата кај кои е утврдено присуство на афлатоксини над дозволеното ќе бидат уништени или вратени во Србија.
– Веднаш по добивањето на резултатите од анализите, Агенцијата забрани ставање во промет и нареди повлекување од промет на пченкарното брашно кај кое е утврдено присуство на афлатоксини над дозволеното – наведува Агенцијата.
По добиената информацијата преку Системот за рано предупредување на Европската унија за присуство на афлатоксини во пченката по потекло од Србија, инспекциските служби на Агенцијата за храна ја засилија контролата со задолжително лабораториско испитување на пченката и на производите од пченка на граничните премини и во внатрешниот промет. Се зајакнаа и инспекциските контроли и за производите од пченка, пченкарно брашно и од пченкарен гриз. Во текот на минатата и оваа недела направени се и дополнителни контроли на домашниот пазар и на увозната замрзната пченка наменета за исхрана на луѓето, која е по потекло од оваа земја. Земени беа мостри за лабораториско испитување од разни увозници, за кои анализите покажаа дека не е утврдено присуство на микотоксини – афлатоксини.
Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со засилени контроли при увозот на пченка и производи од пченка и со контрола на истите на домашниот пазар.
Резултатите од контролите од Државниот инспекторат за земјоделство на примероци на пченка наменета за добиточна исхрана с` уште не се готови. Мострите се земени кога настана масовен помор на пилиња во една живинарска фарма во земјава. Пилињата пцовисувале како резултат на проблеми со црниот дроб.
Цела работа започна неодамна кога некои од лабораториите во Србија потврдија дека една третина од произведената пченка во земјата е заразена со афлатоксини. Според српските експерти, присуството на афлатоксините во пченката е предизвикано од габи што се развиле како последица на сушата, а сличен проблем имаат и земјите од опкружувањето како Унгарија, Романија и Бугарија. Овде отровот го има во помала мера бидејќи нивните експерти навреме пред бербата ја забележале појавата и презеле мерки со кои штетата е намалена.
Според експертите, дел од контаминираната пченка, која ги задоволува потребите за добиточна храна, може да се употреби во смесите за исхрана на животните, а преостанатиот дел може да се пренасочи на производство на биоетанол или скроб, а со засилен инспекциски надзор може да се спречи контаминираната пченка да дојде во човековата исхрана.
За присуство на афлатоксини во српската пченка први предупредиле Италијанците уште во октомври. Преку европскиот Систем за брзо предупредување за опасности во храната, РАСФФ, Италија на 10 октомври јавила дека враќа пратка со добиточна храна со потекло од Србија, во која се најдени афлатоксини.
Микотоксините се секундарни метаболити на одредени габи, кои се непосреден загадувач на храната и голем проблем во светот. Најчесто е труењето со афлатоксин, што го произведуваат мувлите аспергилус и пеницилиум. Луѓето на овој токсин се изложени со консумација на жито и на јаткасти плодови, но може да се најде и во млекото и во месото ако претходно добиточната храна била загадена со мувли. Афлатоксинот се смета за најканцерогено познато соединение од биолошко потекло. Многу е токсичен за црниот дроб, а може да предизвика примарен карцином на црниот дроб и леукемија. Особено е опасен затоа што не дава никакво сетилно предупредување дека е присутен во храната, односно се јаде без да се почувствува. До болест доаѓа кога ќе бидат внесен во организмот со храната.
Валентина Ангеловска
Извор: http://dnevnik.mk/default.asp?ItemID=A5E6644134D4524889446ADD39560194