Почетна / Вести Македонија / Нова машина ги заменува аргатските мотики во Тиквешко

Нова машина ги заменува аргатските мотики во Тиквешко

Со европски пари, преку ИПАРД-програмата, веќе се обезбедени 14 машини што ги заменуваат мотиките во 12 земјоделски компании во Македонија, а најприсутни се во лозарството.

Исчезнуваат мотиките со кои со години се обработуваше земјата околу виновите лози. Веќе се обезбедени 14 машини што ги заменуваат мотиките во 12 земјоделски компании во Македонија, вели Влатко Стојановски, консултант за средства преку ИПАРД-програмата, финансирана од ЕУ. Тој е врската помеѓу оваа програма и земјоделците што сакаат да користат средства преку неа.

– Станува збор за машини што вршат редова и меѓуредова обработка. Рентабилни се кога се во прашање земјоделски површини над 4 хектари. Тоа значи дека не се исплатливи за земјоделци што имаат малку ниви. Тие навистина ги заменуваат мотиките, со нив се врши изедначено окопување, се уништува плевелот. Со новите измени, со грантовите од оваа програма може да се набави и оваа механизација. Со неа земјата добива поквалитетна и порентабилна обработка, се намалува потрошувачката за работна рака и се намалуваат трошоците при производството. Згора на тоа, се избегнува употребата на хербицидите што досега се користеа за уништување на тревата во земјоделските површини, а тоа позитивно влијае врз квалитетот на грозјето. Машината комплетно ја заменува мотиката. И што е најинтересно, најбарана е во лозарските региони во Македонија – вели Стојановски.

Земјоделецот Живко Туфекчиев веќе ја има обезбедено машината за обработка на своите земјоделски површини во Неготинско, а користел средства преку ИПАРД-програмата. Има насади со цреши, кајсии, сливи, трпезно грозје од повеќе сорти.

– Таа истовремено врши окопување и орање на земјоделските површини. Многу е поефикасно и поевтино да се обработува земјата со оваа машина отколку со мотика. Некои наместо да ги копаат лозјата, ја уништуваат тревата со хербициди. Но таквите отрови освен што ја уништуваат тревата, негативно влијаат и врз плодовите. Виното произведено од такво грозје има мирис на хербициди, а ако е трпезно грозјето, има непријатен мирис кога се јаде – објаснува Туфекчиев.

Тој вели дека денес е тешко да се најдат аргати за работа со мотика.

Со него се согласува и Златко Стојчев од кавадаречкото село Сопот, лозар кој има околу 220 декари лозје. Го сретнавме деновиве при презентацијата на ваквите машини во лозјето.

– Што да кажам, многу ја бендисавме машината. Убаво е да се има оти веќе никој не сака да копа со мотика како порано. Сите сакаат да бистрат политика и да се вработат во администрација, а никој не сака да другарува со мотиката. Од мотика бегаат како од ѓавол. Дојде време саглам аргат да не можеш да најдеш. Ретко на кој му се копа во земјава. Младите сонуваат за странство и за големи пари. Сите сакаат да заминат во Америка и разговараат само за шопинг – коментира Стојчев.

Тој, како искусен земјоделец кој од лулка е со земјоделството, смета дека станува збор за ефикасна механизација.

– Но поради неплатеното грозје од страна на винарите, многумина од лозарите не можат да си дозволат да ја купат. Затоа се интересиравме дали може да се купи дел од оваа опрема, па да го инсталираме на нашите постојни машини како приклучен. Па додека ораме да вршиме и окопување меѓу лозите – вели Стојчев.

Според неговата математика, поевтино е да се купи ваква машина отколку да се ангажираат аргати за копање на лозјето.

– Верувам дека оваа технологија целосно ќе ги исфрли мотиките од нивите. Тоа долу што го гледате како рака, кое поминува покрај лозите и врши окопување, ја заменува нашата мотика, која н` асоцира на тежок аргатски живот, пот и на сиромаштија. Со оваа машина и земјоделството ќе стане поприфатливо како професија, а младите нема да бегаат од нивите како од чума. Мислам дека конечно дојде време кога треба да се биде горд кога ќе се каже дека некој е фармер или земјоделец. А не да се срамиме да признаеме дека нашите лозја се нашиот живот – вели Стојчев.

Една ваква машина чини околу 6.000 евра. Земјоделците може да поминат поевтино ако купат само дел од неа и го инсталираат на веќе постојната механизација. Во најголемиот лозаро-винарски регион во Македонија, Тиквешкиот, механизацијата полека, но сигурно ги заменува мотиките во нивите.

– Мотика, толку лошо звучи тоа име. Асоцира на макотрпна работа, плускавци на рацете, испукана кожа од врелото сонце, пот на лицето, грутка на душата – велат лозарите.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …