Жетвата на лебното жито во велешко почна. Земјоделците велат дека годината е родна, меѓутоа, цената од 10 денари што им ја понудиле мелничарите за килограм пченица, не само што е ниска, туку е и понижувачка.
Отворено реагираат и гласно прашуваат како може мелничарите да бидат поголеми од Министерството и да не ја почитуваат неговата препорака според која пченицата годинава треба да се откупува по 14 денари за килограм.
– Ни нудат 10 денари за килограм. Не ја предавам. Ако треба ќе ја чувам во амбар или ќе ја мелем за храна на стоката, но, за тие пари не им ја давам. Доста беше да печалат на нашата мака и на нашиот грб. Кој се тие да бидат поголеми од Министерството и државата. Имам илјада тони пченица и илјада тони јачмен кој не го дадов за 9 денари килограм и го складирав во сопствените амбари. И пченицата ќе ја ставам во амбар – вели Ивица Стојчев од селото Иванковци.
Според земјоделците, како и секоја така и оваа година, ситуацијата со откупот на пченицата, се комплицира. Во велешко под лебно жито се посеани 4.200 хектари. Родот е повеќе од добар. Во реонот на селата Лугунци, Иванковци, Сујаклари, Ново Село, Извор, од хектар се собираат и по 4 до 4.500 килограми. Поради топлотниот удар што се случи во периодот на зреење на зрното, приносите во реонот на Градско, Ногаевци и Уланци се далеку помали и се движат од 2.000 до 2.700 килограми по хектар. Стручњаците оценуваат дека годинава од велешко треба да се соберат над 13.000 тони квалитетно лебно жито. Меѓутоа, проблем е цената и откупот. Откупувачи има но сите, како договорени, нудат по 10 денари за килогра.
– Ви реков по таа цена нема да ја даваме пченицата. Имавме средба и се договоривме доколку не ја прифатат цената што ја препорача Министерството не само што нема да им ја дадеме пченицата на мелничарите, туку ќе излеземе и ќе ги блокираме патиштата. Срамота е ова што ни го прават мелничарите. Владата и Министерството треба веднаш да реагираат и да не дозволат нашата пченица да оди за добиточна храна, а брашно за леб да се увезува од странство – вели Стојчев.
Во прибирањето на лебното жито во велешко се ангажирани педесетина комбајни и поголем број друга приклучна механизација. Жетвата на јачменот заврши. Од над 3.300-те хактери земјоделците собраа повеќе од 11.000 тони јачмен. (С.А.)
Извор: vecer.com.mk