Почетна / Вести Македонија / Наместо семе, им дале да сеат сончоглед за грицкање

Наместо семе, им дале да сеат сончоглед за грицкање

Околу 16.000 килограми сончоглед за грицкање увезен од Турција им се продавал на земјоделци од повеќе краишта во земјава како семенски материјал.

 

Од Државниот земјоделски инспекторат велат дека се измамени 250 земјоделци, кои потпишале договори за откуп и планирале да го засеат на 2.000 хектари. Инспекторатот деновиве заплени околу 5 илјади килограми од сончогледот и ~ го предаде на Агенцијата за одземен имот. На декларацијата на вреќите пишува дека извозник е фирмата „Белова“ од Турција, а увозник компанијата „Сан фловер“ од Битола. 

– Сончогледот при увозот на граничните премини бил пријавен како консумен, односно за грицкање, а на земјоделците им бил дистрибуиран како семенски материјал. Сончогледот не исполнува ни една од карактеристиките за да биде семенски материјал и не е во согласност со Законот за семе и саден материјал – изјави Румен Стаменов, директор на инспекторатот. 

Известени се и земјоделците што веќе го подигнале сончогледот да не го засејуваат. Стаменов вели дека немаат докази и гаранција за неговиот квалитет и приносите што ќе ги даде. Проблем е и тоа што сончогледот за грицкање има пониска цена, а бил продаван поскапо, по 5 евра за килограм како семенски материјал. 

– Преземените санкции се одземање на сончогледот, изрекување казнени мерки од неколку илјадници евра и повлекување кривична одговорност зашто при самиот влез во Македонија дадена е изјава од одговорното лице дека тоа ќе биде користено како храна. Во договорот пишува дека ако компанијата не ги испочитува обврските, да им надомести по 1.500 евра за хектар на земјоделците – изјави Стаменов. 

Од адвокатското друштво „Димитровски“, правни застапници на компанијата „Сан фловер“, велат дека станува збор за недоразбирање.

– Внесен е суров сончоглед, кој може и да се користи како храна или кога ќе се фрли на земјоделската површина да изникне како сончоглед. Отсекогаш подобриот сончоглед од минатата реколта земјоделците го одделувале за следната сезона како семе, да го засејуваат – изјави адвокатот Антонио Димитровски, според кој, компанијата, чии основачи се тројца угледни турски бизнисмени, освен во сончоглед, планираат да инвестира и во одгледување ореви, костени и бадеми во Македонија.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …