Почетна / Вести Македонија / Млекото остана на полиците

Млекото остана на полиците

Граѓаните во маркетите ги заобиколуваа рафтовите со млечни производи, а експертите велат дека домашното млеко е исправно и без присуство на афлатоксини.

Празни рафтови со увезено млеко од Германија и преполни со млечни производи од балканските производители. До вчера имаше енормна побарувачка и на домашните млека, но и таа секна откако излегоа информациите дека се проверува и нивниот квалитет. Во маркетите велат дека аферата со афлатоксините придонесе граѓаните да не знаат што да купат. Бараат совети од продавачите, кои, пак, не знаат што да им одговорат. Агенцијата за храна и ветеринарство вчера првпат ги објави имињата на млекарниците и на млеката кои содржат канцерогени материи што се утврдени со анализи во Србија. Оттаму најавија дека пронашле уште едно млеко од Хрватска со афлатоксин. Станува збор за „дукат“ со млечна масленост од 2,8 кое цело ќе биде уништено.

– Од увезените млека од Србија спорно е единствено одредено количество од производот „моја кравица“ со млечна масленост од 2,8 отсто со рок на траење до 14 август, од производителот „Имлек“ од Белград. Целокупната увезена количества се наоѓа во магацините на увозникот, што значи дека спорниот производ не е пуштен во промет – ни рекоа во Агенцијата за храна.

Откако го добиле официјалното соопштение, сите инспектори се испратени на терен и ги проверуваат магацините и продавниците. Инспекторите зеле мостри од наведениот производ со цел потврдување на резултатот, и со истиот ќе постапуваат во зависност од лабораторискиот извештај.

– Kако резултат на донесеното Решение за задолжително лабораториско испитување на млекото и млечните производи што се увезуваат во Република Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство утврди зголемено присуство на афлатоксинот М1 во уште еден производ по потекло од Република Хрватска. Станува збор за производот „млеко дукат УХТ“ со млечна масленост од 2,8 отсто со 7 витамини, од еден литар, со рок на траење до 19.04.2013 година. Целото количество од овој производ (околу 2.000 литри), се наоѓа во магацинот на увозникот, односно воопшто не е пуштена во промет и истиот, согласно законската процедура, ќе биде уништен. Останатите производи од наведената пратка (вкупно 35) се исправни и тие ќе бидат пуштени слободно во промет- велат надлежните.

Граѓаните што вчера ги сретнавме по маркетите или ги заобиколуваа рафтовите со млеко или бараа совети од трговците што да купат.

– Имам дете од три години кое дневно пие по еден литар млеко. Пред да избие аферата пиеше исклучиво хрватско млеко, сметајќи дека е најбезбедно. Сега сме фрапирани. Не знаеме што да купиме и како да му објасниме на детето дека нема да пие млеко – вели Влатко Атанасовски.

Мирјана Kолевска бараше словенечко млеко, но доби одговор од продавачката дека нема, а го нема ниту во магацинот на увозникот бидејќи увезените количество се испитуваат.

– Ми рекоа дека млекото што го барам го нема и не знаат кога ќе го добијат. Имам мали деца и не знам како да им објаснам дека нема да пијат кравјо млеко. Се обидов со соино, но не го сакаат – вели Kолевска.

Трговците велат дека не се купува ниту јогуртот, павлаките и останатите млечни производи на српските производители. Речиси сите граѓани што ги видовме кај разладните уреди за млечни производи прво ја гледаа декларацијата, а потоа купуваа.

Експертите велат дека домашното млеко е здраво и исправно и дека нема присуство на афлатоксини во него. Редовно се прави мониторинг на производството во сите млекарници во земјава и тоа е доволен доказ дека домашното млеко е здраво. Досега лабораториски анализи на увозното млеко што влегува во земјава, инаку, во практика, се прават на 50 отсто од пратките.

„Дукат“ ќе ги замени сите производи

Претставништвото на „Дукат“ во Македонија самостојно донесе одлука привремено да ги повлече од продажба сите видови млеко од овој бренд што на македонскиот пазар. Оваа мерка, како што сопштија од компанијата, се презема и покрај тоа што Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека не содржат микотоксини над законски пропишаните граници, односно се безбедни и здравствено исправни.

– Следната пратка од кое било наше млеко што ќе биде испорачана во продажбената мрежа, освен сите редовни микробиолошки контроли што се спроведуваат согласно законските прописи и правилници, ќе помине и низ новиот паралелен систем за контрола на присуството на афлатоксин М1 во суровото млеко. Оваа контрола први во регионот дополнително ја воведуваме во сите свои производствени капацитети – велат во „Дукат“.

Другите млечни производи на „Дукат“ – јогурт, кисело млеко, сирење, намаз и друго, нема да бидат повлечени со оглед на фактот дека тие веќе се проверени.

Валентина Ангеловска

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …