Велешката фабрика „Благој Ѓорев“ ќе го откупи сончогледот на македонските земјоделци по повисока цена од онаа што се нуди на агроберзите.
Kако што соопшти компанијата, во моментов цената на еден тон сончоглед на светските берзи изнесува околу 210 евра, а откупната цена по која „Благој Ѓорев“ ќе го откупи сончогледот ќе изнесува 250 евра за тон.
– Kако единствени откупувачи на сончогледот од македонските сончогледови полиња, одлучивме оваа година на македонските земјоделци да им понуди поголема откупна цена со која се надеваме дека ќе го стимулираме натамошното одгледување и производство на оваа култура. Свесни сме за недостигот на домашното производство на сончоглед, па на овој начин сакавме да ги мотивираме и да ги поттикнеме нашите земјоделци да ги зголемат своите капацитети и следната година да излезат со поголемо производство на маслодајни семиња- истакнува генералниот директорот на „Благој Ѓорев“ Горан Лазов.
Од компанијата наведуваат дека ова доаѓа по намалување на цената на маслото за јадење, кое, пак, е резултат на намалувањето на цените на сончогледот и на суровото сончогледово масло на светските берзи.
– Богатиот род на сончогледот во соседството, Бугарија, Србија, Романија, но и во Украина придонесе да се намали и цената за тон. Не може да се каже до кога ќе трае овој тренд, но во зависност од него ќе се формира и цента на македонскиот пазар – вели Лазов.
Извор: dnevnik.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија