Во рамките на проектот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за доближување на администрацијата до граѓаните, во општинските центри Босилово и Василево започнаа со работа дисперзираните канцеларии.
Kако што изјави градоначалникот на Босилово, Љупчо Kолев, општината ги реновирала и ги подготвила просториите на канцеларијата, а опремата и административниот персонал е од подрачната единица на МЗВШ во Струмица.
– По Ново Село, и нашата општина, а со тоа и нашите земјоделци добија своја канцеларија во која најблиску и по најкус пат ќе ги добиваат потребните информации и помош од администрацијата. Во екот на прибирањето на плодовите од своите ниви, нашите земјоделци без поголеми трошоци и непотребно губење време ќе може да поднесат барања или апликации за субвенции, како и да добијат информации за можностите што ги нудат повеќето програми за развој на земјоделството – нагласи Kолев.
Дисперзирана канцеларија на МЗШВ е отворена и во општинскиот центар во Василево, а во рамките на овој проект ќе бидат отворени вкупно девет дисперзирани канцеларии во руралните општини.
Целта е да им се излезе во пресрет на земјоделците, кои до 20 септември треба да ги поднесат барањата за субвенции. МЗВШ во овој период воведе двосменско работење во дисперзираните канцеларии од 8 до 21 часот.
Извор: dnevnik.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија