Би апелирал до сите земјоделци, без разлика дали температурите се високи или не, задолжително да користат средства за заштита за да избегнат труење од пестициди, вели Румен Стаменов, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.
Пестицидите што ги користат нашите земјоделци се исправни, но тие се отрови и може да предизвикаат фатални последици за тие што ги користат доколку не се применуваат правилно. Македонските надлежни институции апелираат до земјоделците да го прочитаат упатството и да се заштитат при прскањето на земјоделските посеви. Ваквите реакции доаѓаат по веста што го потресе целиот регион дека деновиве мистериозно умираат берачи на вишни во соседна Србија. На имотот на француско-српската компанија „Интерком“, во Нова Црвенка, двајца сезонски берачи на вишни починале, а двајца завршиле на болница. Се претпоставува дека причина за смртта се отровните вишни, односно труење со пестициди, но српската фитосанитарната инспекција тоа допрва ќе го испитува.
Нашите надлежни институции тврдат дека кај нас се работи само со препарати што се регистрирани во ЕУ. С` што ќе се најде во земјава, а не е на листата, се отстранува експресно. Не гарантираат дека не може да се најдат и други препарати на пазарот, но апелираат овие средства за заштита на растенијата да се користат правилно.
– Без разлика дали пестицидите се легално или илегално увезени, лицата што ги применуваат задолжително треба да го користат упатството. Би апелирал до сите земјоделци, без разлика дали температурите се високи или не, задолжително да користат средства за заштита, и тоа капа, очила, ракавици, мантили. На тој начин ќе се избегне вдишување на тие аеросоли и директно труење со тие пестициди. Значи, нема ниеден пестицид што не е токсичен. Има разлики дали е од прва, втора или од трета категорија, кои освен што се опасни за луѓето и за животните, може да ги контаминираат и почвата и водата – вели Румен Стаменов, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.
Тој коментира дека се потребни и законски измени со кои пестицидите ќе може да се добијат само на рецепт и ќе бидат препишани од стручно лице, како и да се издаваат со рецепт, а на терен да има контроли од стручни лица.