Почетна / Вести Македонија / Лозари го блокираа патот Градско Прилеп

Лозари го блокираа патот Градско Прилеп

Да се поништи продажбата на винарската визба “Винеа” побараа денес лозари од Тиквешијата кои во знак на револт го блокираа патот Градско Прилеп кај Росоман во траење од два часа.

– Винаријата е продадена а ние како доверители не влегуваме во редот на оние кои треба да бидат исплатени. Подмирени се само две доверителски куќи и банката. Сакаме да го смениме тоа. Ќе побараме помош од министерството за земјоделство и од Владата ако има потреба. “Винеа’ на овие лозари им должи преку 600 илјади евра за грозјето продадено од 2009 година наваму. Мораме да се наметнеме како фактор доверител. Немаме ништо против кој и да ја земе винаријата, ама да не обесштети нас. Неправдата е многу голема, огромен број на лзоари зависи од  судбината на “Винеа’-рече лидерот на лозарите Љупчо Аризанов.

Седум правосилни пресуди има лозарот  Воислав Стошиќ од росоманското село Сирково  кој од “Винеа” побарува околу 12 илјади евра. Не можел да ги наплати со извршител оти винарницата била блокирана. 

– А за 2005 година исто така побарувам пари за грозјето околу 13 илјади евра од радовишката винарија која пропадна исто како и оваа. Вкупно ми должат двете винарии околу 25 илјади евра или колку што чини еден стан во Кавадарци. Визбите ми должат а како “награда” извршителите од мене неплатуваат за судски трошоци. Судските трошоци ме чинат околу 3.500 евра. Имам пресуда и на името на татко ми кој има 93 години и дојде ред да се тужи на старост за неплатено грозје. Дома сме шестмина и од ова грозје чекаме, тонажи произведуваме, трошоци имаме, а денар немаме-кажа Стошиќ.

Неговиот соселанец Гоце Милошев кажа дека има за земање над 410 илјади денари а тој се подлажал повторно да го носи грозјето на истото место токму поради тоа што винаријата имала лиценца за откуп. 

– Тука треба да имаат работа малку и органите за прогон, да ја испитаат целата оваа работа. Винаријата е продадена празна без грозје и новиот газда нема надлежност да ни плаќа нам. Ако се вклучат органите на прогон и ако нема замешано во целата оваа ситуација некој “голем”, мислам дека може да се реши оваа ситуација-порача тој.

Зоран Мишев од Кавадарци од “Винеа” побарува над  5 илјади евра. И тој има судски пресуди но како што вели со нив не може да им обезбеди егзистенција на трите малолетни деца.

На нашето прашање зошто кога една година не им го платиле грозјето другите сезони повторно го носеле кај винарницата која веќе им должи. одговорија дека грозјето не е жито или тутун кои можат да чекаат ами мора да се продаде на некој преработувач оти ќе скапе на нивата.

На блокадата беше и росоманецот Владо Орданов  чија фирма откупувала  грозје од лозарите за “Винеа”. 

– Имам обврски кон лозарите за 2011 година околу милион денари и јас тие ќе им ги платам за кратко време. Ако треба ќе продадам имот ама обврските ќе ги платам.  Винарската визба е продадена многу ефтино. Самата винарија нелегализиарна е некаде околу 2 милиони и 800 илјади евра а продадена е за милион и 250 илјади евра. Јас од винаријата побарувам околу 300 илјади евра-кажа тој.

Блокадата продолжува и утре се до исполнување на барањето на лозарите. Утрешната блокада ќе трае од 12 до 17 часот. Времето на штрајк секојдневно ќе се зголемува во текот на наредните денови.

Сопственикот на “Винеа” Горан Трајков вели дека доколку се поништи продажбата , тој има обезбедено кредит од друга банка со кој би го вратил хипотекарниот кредит за сметка на кој била продадена винаријата за 60 проценти пониска вредност од реалната. А доколку се поништи договорот, винаријата би застанала на нозе и од продажабата на вино би ги исплатила долговите кон лозарите.
Светлана Дарудова

Извор: dnevnk.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …