Почетна / Вести Македонија / еви за трактористите за помалку несреќи

еви за трактористите за помалку несреќи

Сообраќајната некултура и неисправните трактори се причина за тракторските несреќи во кои страдаат и деца, поради што се неопходни дополнителна обука и курсеви за земјоделците, сметаат експертите.

Само изминативе три месеци во земјава се случија неколку тракторски несреќи, во кои загинаа шестмина, а беа ранети дваесетина. Последна жртва на тракторска несреќа е П.А.(64) од кумановското село Орашац. Тој завчера работел на нива во селото и товарел пченица на тракторот. Од засега непознати причини тракторот се придвижил, по што П.А. се обидел да го сопре, но бил прегазен. Тој починал на патот кон болницата. Јавноста, пак, беше вознемирена од трагичната сообраќајка што се случи на 1 мај, кај кочанското село Оризари. Во несреќата загинаа возачот на тракторот и неговата сопруга, која се возела со него на возилото, а уште 17 деца беа тешко повредени кога тракторот се превртел сосе приколката на која се возеле. Истрагата треба да покаже дали возачот на тракторот возел пребрзо, па изгубил контрола на удолницата или му откажале сопирачките, но факт е дека тој не смеел да превезува толку лица на приколката.

Според Законот за безбедност во сообраќајот, на тракторска приколка може да се превезуваат повеќе од пет лица што вршат земјоделски работи или во случај на елементарна непогода, епидемија и пожар од поголеми размери. Трактористот кој ќе биде фатен како превезува повеќе од пет лица на приколката да биде казнет со глоба од 25 евра во денарска противвредност или со 15 негативни поени во возачката книшка.

Според д-р Драги Таневски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, бројот на тракторските несреќи ќе се намали со подигање на сообраќајната и на техничката култура кај учесниците во земјоделското производство, а првенствено на возачите на трактори.

– Дел фармери имаат возачка дозвола, која им овозможува само управување со тракторот, а другите немаат возачка дозвола, потврда за управување со трактор, а ниту соодветна обука за користење на тракторот. Познавањето на сообраќајните правила и сообраќајните знаци не се доволен услов ако нема практична обука за работа со тракторот – вели Таневски.

Тој смета дека е неопходно да се организираат едукативни предавања во сите општини во земјава за да се подигне свеста кај трактористите и за другите фармери за безбедно ракување со трактор и приклучни машини.

– Со воведување на оваа мерка за задолжителна обука за безбедна работа и управување со трактор и приклучни машини, бројот на несреќите драстично би се намалил за многу кус временски период – вели професорот.

Освен човечкиот фактор, причина за несреќите е и техничката неисправност на тракторите.

– Во земјава има 53.606 трактори, чија просечна старост е 18 години, што значи дека има голем број стари трактори, кои немаат вградено кабини, заштитни рамки и сигурносни појаси неопходни за поголема заштита. Тие имаат неисправни системи за сопирање, управување и сигнални и светлосни уреди. Модерните трактори се далеку побезбедни отколку тие во минатото – вели Таневски.

Професорот смета дека исправноста на секој трактор треба да се проверува еднаш во годината, па во таа насока е неговата иницијатива за нивна регистрација.

– За намалување на бројот на несреќите е неопходно прифаќање на Правилникот за безбедна работа со трактор и приклучни машини од ЕУ. Освен тоа, потребна е и поголема контрола на сообраќајната полиција на јавните патишта по кои се движат тракторите и другата земјоделска механизација – вели професорот.

Малолетниците предизвикуваат несреќи

Малолетник од Неготино живее под засилен надзор од Центарот за социјални работи поради сообраќајна несреќа што ја предизвикал возејќи трактор, а во која загина жена и двајца неготинци беа тешко повредени. Основниот суд во Велес донел ваква пресуда иако обвинителството барало малолетнички затвор за младиот тракторист, кој во септември 2011 година на патот Неготино – Демир Kапија на тракторот превезувал и 11 деца. Неготинецот имал 15 години кога ја предизвикал несреќата.

Експертите предупредуваат дека голем број несреќи се случуваат бидејќи тракторите ги возат малолетници. Според законот, трактор може да управува лице што наполнило 16 години возраст и да положило испит за управување со трактор или да поседува возачка дозвола од категориите Б, Ц или Д. За малолетниците што ќе бидат фатени како возат без дозвола е предвидена глоба од 300 евра. Законот предвидува и дека со трактор што влече приклучно возило во кое се врши превоз на лица може да управува само возач што има возачка дозвола најмалку три години.

Земјоделството опасна професија

Според професор Таневски, по градежништвото, земјоделството е втора стопанска гранка во однос на повредите и несреќите.

– Податоците од МВР, Судската медицина и од Државниот завод за статистика покажуваат дека изминативе 11 години во несреќни случаи со трактори годишно гинат во просек по 14 лица. На секој загинат возач на трактор доаѓаат по четворица лесно или тешко повредени лица. Во 94 отсто од несреќите со трактор грешките му се препишуваат на човекот – возач, ракувач со трактор, сопатник, пешак и фармер што помага во земјоделските работи – вели професорот.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …