Почетна / Вести Македонија / Kлимата ги притиска и земјоделците на промени

Kлимата ги притиска и земјоделците на промени

Без разлика дали сите се согласуваат дека има глобално затоплување и климатски промени, евидентно е дека земјоделството трпи и треба да преземе мерки за да се приспособи на новите метеоролошки услови.

Две недели доцнат во развојот повеќе земјоделски култури – житните, виновата лоза и овошките – поради големата влажност и врнежите во март. Стотици хектари засадени земјоделски површини со жито и градинарски култури се уништени во мартовските поплави во Источна Македонија и во Пелагонија. Kлимата полека, но сигурно се менува и ги менува и условите во земјоделството, а според предвидувањата, во наредните децении сликата воопшто нема да биде каква што сега ја знаеме.

Според Ангелко Ангелевски, агрометеоролог во УХМР, годинава временските услови предизвикале доцнење во сите фази од растот и развојот на повеќе култури поради големите врнежи и високата влажност во март, но тоа не може да се смета за директна последица на глобалното затоплување.

– И порано имало вакви временски појави, а во некои години се случувало растенијата да доцнат во развојот и две седмици. Kон крајот на април имавме високи температури, до 30 степени, па сметам дека растенијата ќе ја надоместат разликата и бербата ќе стаса навреме – вели Ангелевски.

Од Мрежата за рурален развој, организација која деновиве во соработка со УСАИД почна со проект за адаптација на земјоделството кон климатските промени, сметаат дека последиците од глобалното затоплување веќе на големо се чувствуваат.

– Многу рано се стопија снеговите и почнаа дождовите уште во март, а тоа е последица на глобалното затоплување. Во Струмичко с` е уништено, како и во другите региони – велат во Мрежата за рурален развој.

Оваа мрежа ќе организира карван низ земјоделските населени места во Повардарјето, каде што најмногу ќе се чувствуваат последиците од глобалното затоплување. Kарванот почна минатата седмица во Ново Село, Струмичко, а во текот на мај и јуни ќе се одржи во Негорци, Богданци, Росоман, Тимјаник и Пчиња, под слоганот „Поплава, суша, студ, да го спасам мојот труд“.

– Проектот ќе трае три години, а земјоделците ќе се обучат да применат различни техники за да го заштитат производството од климатските промени. Македонија е сериозно погодена од климатските промени, а најновите предвидувања ја вбројуваат во таканаречената црвена зона, во која негативните влијанија ќе се почувствуваат врз земјоделството. Целта е и да влијаеме врз свеста кај фармерите за да ги воведат овие мерки. Такви мерки се, на пример, инкорпорирање биомаса во почвата за задржување на влагата, начини за кроење на лозите, поставување мрежи за заштита од УВ-зраци и слично – вели Петар Ѓоргиевски, директор на проектот.

За реализација ќе бидат одвоени околу 1,3 милион долари. Проектот ќе се фокусира на овоштарските и на градинарските култури во медитеранската зона, во која припаѓаат вардарскиот и делови од струмичкиот и гевгелискиот регион. Ќе се работи со семејни фарми кои на пазарот пласираат најголем дел од своите производи, како и со земјоделци што делумно заработуваат, а дел од производството го задржуваат за себе.

Според студија на Светска банка, во Македонија, како резултат на климатските промени, во наредните децении ќе се зголеми температурата, а врнежите ќе станат попроменливи, што силно ќе влијае врз земјоделските култури и врз приносите.

Соња Христовска


Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …