Почетна / Вести Македонија / Град со големина на јајце им направи големи штети на земјоделците

Град со големина на јајце им направи големи штети на земјоделците

Невремето кое викендов ја зафати државата направи големи штети во Прилепскиот, Беровскиот и Струмичкиот регион, каде што беа опустошени голем дел од земјоделските површини.

Паднати дрва, поплавени куќи, оштетени покриви, автомобили, уништени земјоделски култури. Ова е билансот на штетите од невремето кое во неделата ја зафати целата држава. Силниот ветер и обилните врнежи на дожд и град направија најголеми штети во прилепскиот, беровскиот и струмичкиот регион, каде што беа оштетени голем дел од земјоделските површини.

-Ги посетуваме населбите и површините со тутун за да видиме каква е ситуацијата. Комисијата ќе ги процени големите штети на земјоделските култури, посебно на тутунот, а потоа ќе се прави извештајот. Екипите на јавните комунални претпријатија заедно со локалната самоуправа и војската од прилепската касарна работат на расчистување на смет, наноси и на сите последници од невремето што вчера попладнето го зафати Прилеп, изјави градоначалникот Марјан Ристески.
Според првичните согледувања од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, невремето преку 90% го уништи родот на околу 1.600 хектари од кои 500 хектари се со тутун, 700 хектари со пченица и околу 400 хектари со јачмен.

Најпогодени се атарите на селата во Прилепско, Марул, Старо и Ново Лагово, Галичани, месностите Под Варош, Заград. Освен во Прилеп, според локалните медиуми, големи штети и поплава на градските улици невремето предизвика и во Кочани. Според информациите на терен голем број улици во Кочани останале под вода, а се затнал и одводниот систем. Во Берово, каде паѓаше град со големина на јајце, наврнале 21 литри дожд на метар квадратен. Во Струмица пак Противпожарната Единица интервенирала на паднато дрво во центарот на градот, а во селото Петралинци е интервенирано во црпење на вода од поплавен дом, а дел од селските улици во оваа населено место се поплавени.

Според информациите има уништување на поголеми земјоделски површини во Струмичкиот регион, но се уште нема официјални податоци за големината на штетата. Во Скопје, според информациите од терен освен едно паднато дрво и еден оштетен покрив на зграда во населбата Ченто, не се пријавени поголеми штети од невремето.

Извор:vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …