Агенцијата за храна и ветеринарство ја детектираше листеријата кај сечкан свински врат од месната индустрија Екстра меин. Производството е запрено во месната индустрија и земени се мостри од суровините за анализа.
Случајот со листеријата во месните производи на месарницата Екстра меин каде што беше детектирано присуство на оваа бактерија ќе се одрази врз целата месна индустрија. Откако Министерството за здравство вчера го откри изворот на листерија во сечкан свински врат на оваа месна индустрија и производите беа повлечени граѓаните се се поскептични во купување на месни производи, истакна министерот за земјоделство, шумарство Михаил Цветков.
– Информацијата за изворот на листерија ќе се одрази врз целата месна индустрија. Граѓаните се скептични и внимаваат што купуваат. Очекуваме дека ќе има намалена потрошувачка во наредниот период, истакна министерот. Министерството за земјоделство завчера информираше дека спорните производи во кои имаше сомневање дека имаат зголемено присуство на оваа бактерија се на месната индустрија Екстра меин” и истите се повлечени од пазарот.
Исто така, производството е запрено во месната индустрија, земени се мостри од суровините, работните површини, машините и од сите делови каде што евентуално може да се најде листерија за да се изврши споредување со изолатите земени од заболените лица.
Ова се мерките што ги презеде Агенцијата за храна и за ветеринарство по добиеното известување од Министерството за здравство.
Истовремено Агенцијата за храна и за ветеринарство препорачува на граѓаните да не го консумираат производот сечкан свински врат со рок на употреба 21.7.2014 до 4.9.2014 година.
Од Агенцијата информира дека врз основа на добиените резултати, кои се во насока за детектирање на изворот на листерија, од страна на надлежните институции се вршат дополнителни испитувања.
Наведуваат дека што се однесува до другите производи од млечната и месната индустрија, операторите со храна од животинско потекло, од 30 јули 2014 година, во согласност со извршеното надополнување на годишната Наредба за извршување на ветеринарни мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло, како дел од дополнителните превентивни мерки за превенција, намалување и елиминирање на ризикот од листерија, вршат задолжително лабораториско испитување на сите лотови од производите од животинско потекло, кои се опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна, за утврдување на евентуално присуство на бактеријата листерија.
Производите не се ставаат во промет се додека не се добие задоволителен лабораториски наод.
ЕКСТРА МЕИН: Во нашите производи нема листерија!
Од “Екстра меин” вчера се огласија и демантираа дека во нивните производи нема од бактеријата листерија”
– Не е можно од нашата компанија да излезе термички необработен производ. Сите производи, вклучително и сецканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 Целзиусови степени, што значи загарантирано се уништува бактеријата листерија. На почетокот на годинава, според редовниот план за мострирање, земени се 158 мостри од производи и 112 брисови (69 од машини и работни површини и 43 од работници). Сите добиени резултати се нагативни на присуство на каква било бактерија – велат од Екстра меин”.
Извор: vecer.mk