Државата бара закупец на земјиштето со кое, до неодамна, управуваше агрокомбинатот Џумајлијаа од Свети Николе.
Министерството за земјоделство објави јавен повик за закупување на 5.353 хектари обработливо земјиште кое се простира во светиниколските села Пеширово, Амзабегово, Кнежје, Црнилиште, Аџиматово, Сарамзалино, Ѓуземелци, Милино, Лозово, Каратманово, Дорфулија, Ќоселери, Аџи Бегово и Делисинци.
Право на учество имаат домашни земјоделци и домашни и странски фирми, но не и земјоделци кои досега биле нередовни во плаќањето на закупнините или фирми во стечај. Договор за закуп, Министерството ќе потпише со избраниот закупец во траење од 15 години со можност за негово продолжување.
Заинтересираните земјоделци или фирми конкурираат за целата површина на која треба да одгледуваат земјоделски култури, а понудите можат да ги достават во рок од триесет дена од објавувањето на огласот.
Домашните и странските фирми кои ќе конкурираат треба да се занимаваат со земјоделско производство, да преработуваат земјоделски производи или вршат научно-истражувачка дејност.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=ABE416C4E5C5184B9BF667C671C53DE2