Зголемување на конкурентноста на агросекторот и на квалитетот и безбедноста на храната, одржливо управување со ресурсите, како и подобрување на условите во руралните средини, се само дел од мерките што Македонија треба да ги преземе за ублажување на последиците од климатските промени во земјоделството.
Според експертите, од намалувањето на врнежите и на водните ресурси што во наредните децении драстично ќе се почувствува, најмногу ќе страдаат. Како што беше речено на конференцијата организирана во рамки на Агрофудд, посебно загрозени ќе бидат пролетните култури, маслодајните растенија и житата.
– За ублажување на последиците најпрво треба да се применат мерките на адаптација, а потоа да се преземаат подрастични, од типот употреба на нови култури – изјави проф. д-р Душко Мукаетов.
Според него, интересни се автохтоните сорти кои, како најадаптирани, може да бидат добар материјал за селекција на други, отпорни на претстојните евентуални влијанија.
– За жал, последниве неколку години на селекција не се работи речиси воопшто, поради недостиг на финансиски средства програмата е скоро запрена, а и селекционери има се помалку – рече Мукаетов.
Пеце Ристевски, државен советник во УХМР, оцени дека за ублажување на последиците од климатските промени неопходна ќе биде и реформа на регулаторната и институционалната рамка.
Кон климатските промени ќе мора да се прилагодат и земјоделците. Тие, сугерираат експертите, треба да размислуваат за напуштање на досегашните традиционални начини на производство, особено во делот на обработката на почвата, употребата на заштитните средства и одржувањето на плодноста, и да се насочат кон примена на современи системи за наводнување и замена на досегашните култури со нови.
Светска банка препорачува Македонија максимално рационално и ефикасно да ги користи расположливите водни ресурси кои во наредните 40 години може да се намалат за дури 50%.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=7F3C63E1E72A864C8589B27B5E93589E