Почетна / Вести Македонија / До нови лозови и овошни насади со пари од руралниот развој

До нови лозови и овошни насади со пари од руралниот развој

Секој земјоделец, кој сака да подигне нов лозов или овошен насад ако сака помош од државата мора да се пријави во програмата за рурален развој.

Од минатата година субвенции за нови насади нема, односно се укинати. Останува само државната поддршка за одржување на веќе постојните подигнати во минатото. Во Министерството за земјоделство објаснуваат дека на ваков начин фармерите ќе добијат повеќе пари, односно ќе им бидат рефундирани половина од вкупните трошоци. Земјоделците од тиквешкиот регион велат дека воопшто не се запознати со измените на програмата за субвенционирање. Не знаат ниту дека нема пари за нови насади, туку дека мора да се пријават преку друга програма. За нив голем проблем е почетната инвестиција. По програмата за рурален развој мора прво да ја имаат целата сума, да го купат расадот, а потоа да чекаат да им се вратат парите.

– Првпат слушаме дека има измени во начинот на субвенционирање. Досега имавме проблем што при подигање нов лозов насад заради субвенционирање моравме да доставиме и потврда од винарница која ќе гарантира дека ќе ни го откупи грозјето, па не можевме да најдеме винарница што ќе го гарантира тоа. Сите се плашеа дека ќе бидат тужени ако не го откупат грозјето. Ова со пријавувањето по нова програма е новина за нас – велат производителите. Се надеваат дека на ваков начин ќе добијат повеќе пари од државата, но проблем е обезбедувањето на целата сума која е потребна за да се подигне лозовиот или овошниот насад.

– Ако добро ја гледаме програмата, тоа ќе значи дека сега на ваков начин нема да добиеме само пари за лозовите прачки, туку и за жицата и колците и подготовката на нивата за садење лозје, за целата инвестиција. Единствен проблем е како однапред да се обезбедат парите што подоцна ќе ни бидат вратени во услови кога исплатата на грозјето или доцни или воопшто не се реализира – категорични се лозарите со кои разговаравме.

Ниту лидерот на лозарите Љупчо Аризанов не знае дека субвенции има само за постојните насади.

– Можеби овој начин ќе се покаже како подобар, но да оставиме на времето, ќе видиме како ќе биде – вели Аризанов.

Во Министерството за земјоделство велат дека подигнувањето нови насади не е во програмата за субвенционирање од лани.

– Сметавме дека ова е подобар начин финансиски да се поддржат лозарите и овоштарите. Вака ќе добијат половина од потрошената сума за секој насад – велат во ресорното Министерство.

За одржување лозови насади висината на поддршката е 40.000 денари по хектар, а минимумот за пријавување е да сте сопственик на 0,2 хектари. За одржување овошни насади субвенциите се 33.000 денари, а за да добиете државна помош потребни ви се минимум 2 декара.

Според последните податоци што доаѓаат од терен, земјоделците се с` позаинтересирани за подигнување лозови и овошни насади. Само годинава регистриран е огромен интерес за набавка на лозови калеми, независно дали станува збор за вински или за десертни сорти грозје.

Најновите податоци од Министерството за земјоделство се дека долгогодишни лозови насади има на површина од околу 33.000 хектари. Од нив 23.500 хектари се под винските, додека останатите се под десертните сорти. Пред десетина години Македонија располагаше со околу 45.000 хектари лозови насади.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …