Почетна / Вести Македонија / Четириесет кози од едно стадо пцовисале за еден месец

Четириесет кози од едно стадо пцовисале за еден месец

Надлежните велат дека вакцинацијата на козите била направена доцна, но резултатите од испитувањата на Ветеринарниот факултет сè уште не се готови.

За еден месец пцовисале четириесет кози на сточарот Јованче Груев од селото Стари Град покрај Велес. Надлежните велат дека вакцинацијата на козите била направена доцна, но резултатите од испитувањата на Ветеринарниот факултет с` уште не се готови. Јанев во моментов има само една третина од стадото што до пред извесен период броело 110 кози. Причината за смртта не ја знае, иако козите и јарињата вели дека му се вакцинирани. Kозите се единствен приход на семејството Јаневи. Видно потиштени бараат одговори од надлежните. Kај мене се случува биолошка хаварија, дел од стадото, кози и јариња, од непознати причини умираат. Дали е вирус, дали е бактерија не знам, но знам дека без малку половина стадо пцовиса. Вакцинирани се од бактерија, ама не помага, не минува. Не знам што ќе биде, да не е некоја микоплазма, вели Груев. Тој стравува да не се зарази остатокот од стадото, па да остане без него. Пријавени му биле за субвенции и може да се случи, наместо за повеќе од стотина кози финансиска помош, да добие за помалку од половина од очекуваните средства. А од ова живее неговото тричлено семејство, сопругата и седуммесечниот син. Болните кози не даваат ни млеко така што трпи двојна штета. Случајот го пријавил во Ветеринарната станица во Велес. Тие од него побарале да однесе внатрешни органи за да се испитуваат причините за смртта. Иако минало десетина дена, с` уште не ги добил резултатите.

– Примероците беа однесени на Ветеринарниот факултет и сега чекам резултати. Kозите добиваат треска, пролив, не се хранат, слабо се држат на нозе, заостануваат кога ќе ги однесам на паша. Ќе се стутка некаде во некоја грмушка, кога ќе се вратам да ја побарам, гледам дека е почината – објаснува Јованче.

Тој ги чува сите пцовисани животни во буриња и се надева дека ќе дојде некоја комисија, ќе го обесштети, како што тоа им се случувало на поплавените земјоделци. Ова не му е првпат да му пцовиса дел од стадото. Се повторувало на три-четири години. Забележал дека кога има многу вода напролет или се кога ќе се излее блиската река Бабуна, нему му се случува пцовисување на стадото. Така било и годинава. За сите претходни случаи барал помош од надлежните од Министерството, но никогаш не ја добил. Kога им помагаат на поплавени, на опожарени подрачја, зошто и мене да не ми помогнат.

– И јас сум оштетен, од биолошка стихија, не по своја вина, ги имам вакцинирано козите. Ги чувам и ги одгледувам. Половина година младите ги одгледувам, ги хранам и таман да ги пријавам за субвенции, ништо, пцовисаа. Нешто и волците ми дават, ама ловџиите не тепаат повеќе волци оти не ми се платени парите за секој убиен примерок – рече Груев, кој е регистриран индивидуален земјоделец. Смета дека храната и житото со кое ги храни не се причина за смртта зашто во стадото поголем дел од козите се здрави. Згора на тоа чувал и три овци заедно со козите, кои немале никакви здравствени проблеми. Освен кај Груев, кај друг сточар во Извор нема регистрирано пцовисување.

Јованче цел живот се бори за скромен живот. Неговата куќа е покрај патот Велес-Богомила. Вели дека е тешко да се занимаваш со земјоделство. Освен кози, има и голем овоштарник, најмногу јаболка, што се одгледуваат во чиста еколошка средина.

Се чекаат резултатите

Ветеринарите во Велес велат дека се запознаени со случајот на пцовисувањето на козите на сточарот Груев. Но, според нив, доцната вакцинација е главна причина за пцовисувањето. Резултатите од Скопје на внатрешните органи за пцовисаните животни с` уште не се готови.

– С` уште ги немаме добиено резултатите од испитувањата на козите на стадото од Груев. Тој изврши доцна вакцинација на неговото стадо, дури во февруари и покрај нашите предупредувања дека тоа треба да го стори порано. Во овој период тие веќе почнуваат да се хранат со свежа зелена трева, која може да предизвика одредени проблеми. Згора на тоа, по неговата реакција му посочивме дека треба да им дава антибиотици, но нашата евиденција покажува дека нема набавено никаков лек. Не може животните еколошки да преживеат само со храна, ваквите заболувања мора да се лекуваат – велат од Ветеринарната станица во Велес.

Валентина Ангеловска
Петар Печков

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …