И покрај аквизацијата, “Дукат” и “Љубљанска млекара” кои се присутни со своите производи на македонскиот пазар ќе продолжат да функционираат како посебни субјекти и ќе ги пласираат своите производи како и досега.
Најголемиот хрватски производител на млеко и млечни производи “Дукат”, кој во Македонија е сопственик на млекарницата “Идеал Шипка”, презема удел од 50,4% од “Љубљанска млекара”, водечки преработувач на млеко во Словенија, извести Загрепската берза.
Со аквизацијата француската млекарска индустрија “Лакталис”, која е сопственик на “Дукат”, не само што ја зацврсти позицијата на пазарот на Југоисточна Европа, туку и на македонскиот пазар каде што и двете млекарници пласираат голем дел од своите производи и имаат голем пазарен удел.
Според Никола Маџаревски, генерален директор на претставништвото на “Љубљанска млекара” во Македонија, и покрај аквизацијата, двете млекарници на македонскиот пазар ќе продолжат да функционираат како посебни субјекти и ќе ги пласираат своите производи како и досега. Тој за Вечер објаснува дека кога “Лакталис” групацијата купува некоја млекарница или прави аквизација, секогаш го остава брендот на компанијата која ја презема, а “Алпското млеко”, кое е најпознат бренд на словенечката млекарница и понатаму, како и досега, ќе се произведува и продава.
– Нема да има никакви промени во работењето на “Љубљанска млекара” на македонскиот пазар. И двете млекарници ќе продолжат да функционираат како посебни субјекти во рамки на една Групација. Така беше и кога “Лакталис” ја купи хрватската млекарница “Дукат”, исто како и кога “Дукат” ја купи македонската млекарница “Идеал Шипка”- вели Маџаревски.
Според него, “Љубљанска млекара” која е една и пол година присутна на македонскиот пазар има 8 вработени, а само минатата година на македонскиот пазар се пласирани 170 нови производи.
– Лани на македонскиот пазар продадовме осум милиони литри “Алпско млеко” што покажува дека има голема побарувачка на производите на млекарата – потенцира Маџаревски.
Француски “Лакталис”, аквизацијата на “Љубљанска млекара” ја најави уште во октомври минатата година, а по одобрувањето од словенечката Агенција за заштита на пазарната конкуренција официјално ја презема млекарницата. “Дукат” се стекна со 50,4% од НФД Холдинг, Фактор банка, Мутул Фонд КД, КД Банка и Сава.
– Со стекнувањето на мнозинскиот удел во “Љубљанска млекара”, “Дукат” го засилува работењето и својата пазарна позиција во Југоисточна Европа – се вели во соопштението од Групацијата.
(Ал. С.)
Извор: vecer.com.mk