Владата на завчерашната седница донесе одлука да ги укине увозните давачки за индустриска пиперка. Според владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, одлуката стапува во сила веднаш и ќе важи до крајот на годинава.
– Со одлуката се укинува царинската давачка од 50 отсто за увоз на индустриска пиперка во Македонија и до 31 декември ќе можат да се увезат 2.000 тони без давачка. Принципот на реализација на одлуката ќе биде „прв дојден, прв услужен“, а еден увозник не ќе може да увезе повеќе од 500 тони – рече Ѓорѓиев.
Намалена е и царинската давачка на доматно пире од 50 на 25 отсто, што ќе важи до 30 јуни 2015 година, и ќе можат вкупно да се увезат 500 тони по истиот принцип, а еден увозник не ќе може да увезе повеќе од 125 тони доматно пире.
– Овие одлуки се донесени по барање на бизнис-заедницата по сеопфатни анализи, кои покажаа дека нема да им штетат на домашните производители, а ќе овозможат исполнување на договорите што ги имаа нашите производители од конзервната индустрија, особено во делот на пиперките со странските доставувачи – рече Ѓорѓиев.
Тој посочи дека домашното производство на индустриска пиперка веќе е речиси продадено и додаде дека остануваат за продажба уште околу илјада тони, а за доматното пире, посочи, дека во Македонија има дефицит на производители, а и годинава климатските услови не биле поволно за производство на домат.
Извор: dnevnik.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија