Почетна / Вести Македонија / Кравите неврзани и во чисти штали ќе даваат повеќе млеко

Кравите неврзани и во чисти штали ќе даваат повеќе млеко

Секое животно треба да биде соодветно третирано, не треба да биде малтретирано и сопственикот мора да му обезбеди ветеринарна заштита, посебно ако му е влошена здравствената состојба.

Животните не треба да се врзуваат, освен во одредени, строго определени ситуации. Не треба да чувствуваат болка и треба да имаат соодветно место на живеење и престојување. Ако се транспортираат од едно место на друго, тоа мора да се прави во специјализирани возила. Овие и ред други обврски произлегуваат од новиот Закон за заштитата и благосостојбата, кој веќе стапи во сила. Во Министерството за земјоделство велат дека со овој закон се пропишуваат минималните барања за заштита и благосостојба на животните во однос на нивното одгледување, чување, грижа и сместување, заштита на животните при држење во фарма, а опфатен е и делот за време на превоз, колење или убивањето животни кои се одгледуваат за производство на храна, волна, кожа и крзно. Со законот се третираат и условите што треба да ги исполнат кланиците во однос на заштита и благосостојба на животните при колење и убивање, но и заштита и благосостојба на домашните миленици и бездомни животни, животни во зоолошки градини и животните што се користат во експериментални или едукативни цели.

Сточарите велат дека се запознаени со одредбите на законот, но дека неговото спроведување драстично ќе ги зголеми трошоците за одгледување на животните.

– Точно е дека законот е европски и дека со негова примена ќе се подобрат условите за живеење и одгледување, посебно на домашните животни. Со подзаконските акти точно се знае колкаво е живеалиштето наменето за козите, а колку место им треба на свињите-мајки. Со новите легислативи не ќе може да се чуваат во кафези за да не се движат, а кравите во шталите не ќе може да се врзуваат. Тоа во превод значи помалку животни на поголем простор или поголеми штали – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија. Тој вели дека на ваков начин ќе се зголемат и трошоците за струја, за загревање, но и за доградба на веќе постојните објекти.

– Kако и да е, законот ќе мора да се спроведе. Се надевам дека ќе добиеме меѓупериод во кој ќе можеме да се приспособиме за негово спроведување бидејќи за тоа требаат средства – велат во Асоцијацијата на земјоделци.

Според законот, кон животните треба да се однесува на хуман и грижлив начин. Истите не треба да бидат оставени незаштитени на дожд, ветер ниту, пак, на снег. Треба секојдневно да им се обезбеди вода за напојување со соодветен квалитет, како и храна со соодветна хранлива вредност, хигиенски исправна и соодветна за нивната старост и вид заради одржување на здравјето и физиолошките потреби. Пилиња-бројлери и свињите ќе може да одгледуваат само лица што имаат сертификат издаден од Агенцијата за храна. За време на превозот на животни треба да се направени сите неопходни подготовки со цел да се намали времетраењето на патувањето и да се задоволат потребите на животните за време на патувањето, а средствата за превоз треба да бидат соодветно конструирани, одржувани и управувани на начин да се избегнат повреда, страдање, како и да се осигури нивната безбедност.

Глобите за неспроведување на законот се движат од 500 евра доколку животното се остави надвор по неповолни временски услови, до 6.000 евра доколку се утврди дека на животното некој му предизвика страдање или намерно го повредува.

KАЗНИ ДО 6.000 ЕВРА ЗА ОБЛОЖУВАЊЕ НА ЖИВОТНИ

Строго се забранува вклучување, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување, организирање на обложување и обложување на борби меѓу животните за какви било намени – дециден е законот. Експертите велат дека организаторите на борбите со кучиња и петли, кои во последно време редовно се организираат, ќе може да заработат казни до 6.000 евра.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …