Земјоделци од Македонија ќе имаат можност да ги посетат Меѓународниот саем за земјоделство во Нови Сад, Србија, и Саемот за градинарски, полјоделски и овошни култури на отворено во Торбали – Измир, Турција.
Посетите ги организира Федерација на фармери со цел да се разменат искуства и да се види практичната примена на новите технологии во аграрот.
– На ваков начин ќе се поттикне заедничкото планирање и донесување одлуки за усвојување и примена на напреднати земјоделски техники и технологија што ќе доведе до подобрена продуктивност, стандардизација на производите, оптимализација на количините и зголемување на приходите – изјави претседателот на ФФРМ, Никола Стаменов.
На Саемот во Нови Сад ќе присуствуваат 100 земјоделци, а на Саемот во Торбали 20 земјоделци. На новосадскиот саем годинава ќе бидат презентирани земјоделска механизација, храна и пијалаци, сточарство, амбалажа, хемиска заштита и ѓубрива, агроиновации…, а во Измир на отворено ќе се презенираат површини засадени со нови сорти градинарски, полјоделски и овошни култури.
Извор: dnevnik.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија