Во втората половина на јуни годинава објавен ќе биде повикот за доставување барања за користење финансиски средства од петтата компонента на ИПАРД Програмата за периодот 2007-2013.
Како што соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, финансиските средства од овој повик ќе бидат наменети за инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктурирање и надградба за постигнување на стандардите на Европската унија, за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи со нивно преструктурирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската унија, како и за диверзификација и развој на руралните економски активности.
– Претстојниот ИПАРД јавен повик овозможува зголемени можности по однос на типот инвестиции, поголем обем на потенцијални корисници, можност за набавка на различна земјоделска механизација, вклучувајќи и трактори, како и зголемени финансиски лимити за крајните корисници на финансиската поддршка, велат од Агенцијата.
Огласот ќе трае 45 дена од денот на објавувањето во дневните весници. Потребната документација за подготовка и поднесување барања, како и упатствата за корисниците на ИПАРД средства ќе бидат ажурирани и објавени на веб страницата на Агенцијата.
Извор: vecer.com.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија