Откупот на тутун во Велешко е при крај. Досега се откупени над 1.100 тони квалитетен тутун. Жолтото злато годинава е со добар квалитет, но, поради сушата, приносите се намалени за 20%.
Откупувачите “Соко Мак”, “Струмица Табак”, “Алијанса” и “Центро Табак” се задоволни од квалитетот на тутунот. Тие навреме ги обезбедија средствата, ги отворија откупните пунктови и ги исплатија откупените количества тутун. Килограм тутун годинава се откупуваше за 160 денари. За најскапата сорта басмак” тутунопроизводителите остварија повисока откупна цена. За еден килограм добија од 220 до 240 денари.
– Повеќе од задоволен сум од цената. Родот ми потфрли, но квалитетот не. Предадов три тони и остварив просечна цена од 170 денари за килограм. Кога на ова ќе ја ставам и субвенцијата од едно евро за килограм, презадоволен сум. В година, нека е здравје, тутун ќе посадам на поголеми површини – вели тутунопроизводител од селото Иванковци.
Со одгледување на тутун се занимаваат над 2.000 тутунопроизводители од општините Велес, Чашка и Градско. Велат дека навреме им беше откупен тутунот и дека се задоволни од остварената откупна цена. Тие не чекаа пари за предадениот тутун, ги добија само неколку дена по предавањето на родот.
– Како никогаш досега откупувачите само по неколку дена по предавањето на тутунот ни ги исплатија парите. Добро се опаривме, но мора да кажам дека предадовме и добар квалитет – вели тутунопроизводител од Чашка.
Проблемот што го имаа над 400 тутунопроизводители – кооперанти на “Центро Табак” е надминат. Компанијата во последен момент обезбеди пари и ги отвори вратите на откупните пунктови. Според податоците од подрачната единица на Министерството за земјоделство, “Центро Табак” досега откупи 80 тони тутун.
Во Велешко под тутун беа посадени 1.100 хектари од кои се очекуваше да бидат откупени околу 1.500 тони. До крајот на откупната сезона се очекува да бидат предадени уште стотина тони тутун.
(С.А.)
Извор:
http://vecer.com.mk/?ItemID=A664C44763F6FE469FF7D16DE57F6BCB
http://vecer.com.mk/?ItemID=A664C44763F6FE469FF7D16DE57F6BCB