Почетна / Вести Македонија / Винарските визби да им платат на лозарите за ланското грозје

Винарските визби да им платат на лозарите за ланското грозје

Винарските визби кои што до 30 април, согласно Законот за вино, не ги исплатиле лозарите за купеното грозје од претходната реколта и не доставиле извештај во Министерството за подмирените обврски, ќе им биде изречена парична казна од 2.000 до 5.000 евра, а на одговорните лица во винариите ќе им биде изречена глоба во износ од 600 до 1.000 евра.

Министерството за земјоделство преку соопштение ги повика и ги предупреди сите винарски визби дека се должни секоја година најдоцна до 30 април да достават до Министерството извештај за претходната година за исполнување на финансиски обврски за купено винско грозје, а доколку достават невистинит Извештај за исполнети финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година, може да се соочат со казна затвор за кривично дело од една до пет години.
– За целите на заштитата на интересите на производителите на винското грозје (лозарите), стабилизирање на пазарот и намалување на тензиите во договорните односи помеѓу чинителите во синџирот за производство на вино, Министерството ги повикува винарските визби да ги подмират своите обврски кон лозаропроизводителите за откупеното грозје во претходните години и за истото да го достават Извештајот до Министерството – информираат од Министерството за земјоделство.

Винарските визби кои што не го исплатиле купеното грозје, според соопштението од Министерството за земјоделство ќе бидат избришани од регистарот за вино и нема да имаат право да откупат грозје годинава.

На крајот на минатиот месец истече законскиот рок за плаќање на грозјето откупено во 2012 година, а лозарите од Тиквешијата минатата недела излегоа со информација дека некои винарски визби сеуште не им го исплатиле долгот .Тие очекуваат нередовните плаќачи да бидат санкционирани.
– Законскиот рок за исплата од реколтата 2012 е завршен, имаме најава дека одредени винарски визби го имаат исчистено долгот спрема лозарите но имаме винарски визби кои се уште должат – изјави Љупчо Аризанов, Агротиквешија.

Дел од лозарите тврдат дека сеуште има винарски визби кои им должат за откупеното грозје од пред неколку години.

Во земјава лани беа откупени близу 90 милиони килограми грозје додека 13 милиони килограми, винско и трпезно беа извезени во Албанија, Србија, Црна Гора, Косово.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …