Почетна / Вести Македонија / Сушата двојно го поскапи компирот

Сушата двојно го поскапи компирот

Ако ланската година имаше големо производство на компир, па земјоделците немаа со него што да прават, годинава тој поради сушата е дефицитарна култура и неговата цена е во нагорна линија.

При крајот на летото килограм компир се продаваше по цена од 20 денари, а сега достигнува до 40 денари за килограм. Одгледувачите најавуваат дека е можно да стигне и до 60 денари напролет, кога ќе го снема домашниот и ќе мора да се увезува. Земјоделците во Велешко с` почесто ја менуваат продажната цена на овој производ. Тие велат дека на компирот му треба вода, а неа годинава ја немаше и затоа две третини од родот се уништени.

– Годинава добив пет тони квалитетен компир, а вообичаено од површините добивав до 15 тони. Сушата го стори своето и уништи дури и до две третини од приносите. Ние и добро поминавме, бидејќи сме на високо, па имаше некаков род. Очекувам дека напролет компирот ќе се продава и по едно евро за килограм. Уште есенва с` што имаме ќе продадеме, вели Шехезивар Садиков земјоделец од велешкото село Горно Јаболчиште, чие население претежно ја одгледуваа оваа култура. Потсетуваат дека пред две години, кога компирот исто го немаше на пазарите, достигна цена до 50 денари за килограм, а годинава очекуваат дека таа ќе се надмине. Бидејќи овој крај, на падините од планината Јакупица е познат по одгледувањето на компирот, прекупците доаѓаат, откупуваат, плаќаат и си заминуваат.

Од другата страна на планината, ако се премине сртот, се селата Ореше и Теово, каде што компирот е прва култура. И таму е идентична ситуација, тој се бара како највредна стока.

– Оваа година родот на компирите е намален поради сушата што ја зафати цела Македонија, сите земјоделски краишта, вклучувајќи го и Азот. Имаме драстично помал род од минатата година, но сепак сме задоволни и од тие приноси. На големо компирот го продаваме по 25 денари, додека на пазарите цената варира од 30 до 40 денари за килограм. Од пласманот сме задоволни затоа што доаѓаат до дома не молат да го продадеме, вели Борис Милановски одгледувач на компир од велешкото село Теово.

Обичниот граѓанин се снаоѓа и купува по една вреќа од 15 до 20 килограми додека цената не скокнала повеќе. Така планира да ја мине зимата.

– За два месеца компирот поскапи речиси двојно. Скапа е живејачката, ама без компир не се може, тој е најчесто на трпезата. Го има во повеќето јадења. Сега ќе скратиме малку од него. Земјоделците се жалат дека сушта го уништила родот, а ние со истите пари што попрво да купиме, велат велешани.

(П.П.)

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=069E351D5D828640ACFE45F0D1BBFFE2

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …