Почетна / Вести Македонија / Со намален ДДВ до поевтино месо и млеко

Со намален ДДВ до поевтино месо и млеко

Зголемен сточен фонд, поголемо производство на млеко и месо и зголемен извоз се само дел од очекувањата на земјоделците и економистите од намалувањето на данокот на додадена вредност за сточната храна од 18 на 5 отсто.

Според нив, поевтинување на сточната храна, адитивите за сточна храна и на живиот добиток за 13 отсто значително ќе го поттикне развојот на земјоделството и конкурентноста на сточарското производство. Експертите објаснуваат дека резултати не треба да очекуваме веднаш. Според нив, благодатите од намалениот ДДВ ќе бидат видливи за неколку години. Во Министерството за земјоделство велат дека намалувањето на ДДВ е долгогодишно барање на земјоделците. Според нив, оваа мерка уште повеќе ќе го зголеми производството на сточната храна, која сега е увозно зависна, но за краток период сите земјоделски обработливи површини ќе се користат за производство на сточна храна.

– Дополнително ќе се мотивира секторот во кој се преработуваат земјоделските производи за сточна храна. И дополнително ќе има ефект во одгледувањето стока и производството на месо и млечни производи што ќе бидат повеќе пристапни до македонските производители – велат во ресорното министерство.

За бизнисмените помалите цени на добиточната храна се мотив плус за развивање на овој сектор. Очекуваат повеќе стока, која ќе произведува повеќе млеко и месо. 

– Придобивките од намалениот данок за сточна храна се повеќекратни – ќе дојде до намалување на цената на чинење за производство на месо и млечни производи, што значително ќе ја зголеми конкурентноста на македонското сточарско производство и на тој начин ќе станеме поконкурентни во европски размери. Исто така ќе се овозможи да бидат и поконкурентни фирмите што се занимаваат со откуп и преработка на сточна храна. За кратко време очекуваме да се зголеми и сточниот фонд во државава – вели Огнен Оровчанец од Сојузот на Стопански комори на Македонија. Според него, зголемениот сточен фонд ќе го зголеми и извозот на млеко и месо, бидејќи не ќе може с` да се апсорбира на домашниот.

– Kога се намалија царините за увоз на шеќер, никој не претпоставуваше каков ефект ќе има тоа врз целата кондиторска индустрија. Сега ова е една од водечките извозни гранки – велат во Kомората. 

За земјоделците ова е логична одлука за земја со мало производство на добиточна храна. 

– Со оваа мерка земјоделскиот производ ќе биде за 13 отсто поевтин, а големо олеснување ќе имаат и повратниците на ДДВ. Kонечно сметаме дека ќе се намалат и цените на млекото и на месото и на ваков начин ќе произведуваме поевтина храна, која дури би ја извезувале – велат во Сојузот на земјоделците на Македонија.

Слично е и мислењето од Асоцијацијата на земјоделци. И за нив ова е логично и долго очекувано решение.

– За кратко очекуваме повеќе пченка и луцерка и детелина на македонските ниви. Можно е да се рестартираат и капацитетите за производство на крмни смеси за животни. Ова е непрекинат синџир и сметаме дека првата алка е формирана – велат во Асоцијацијата на земјоделци. 

Намалувањето на ДДВ е од пред извесно време и дојде како резултат на реакција од страна на фармерите дека високата цена на добиточната храна е главна причина за намалувањето на производството на млеко и на месо во земјава.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …