Очекувањата се дека годинава цената на домашната пченица ќе се движи од 14 до 16 денари за килограм, а процените се дека оваа година од засеаните 90.000 хектари со пченица, ќе се оженат од 260.000 до 280.000 тони.
И годинава како и неколку години наназад увозниците ќе мора прво да откупат домашна пченица од претстојната жетва, па да увезат брашно и пченица однадвор, дознава „Дневник“. Се очекува предлогот да биде донесен в среда, следната недела, а одлуката до крајот на овој месец кога официјално ќе почне и годинашната жетва. Во Министерството за земјоделство велат дека на средбата со мелничарите и со пекарите в среда треба да се договори цената на пченицата која годинава ќе ја има во изобилство. Во прилог на ова се и предвидувањата на експертите дека приносот во некои региони е повеќе од 4 тони за хектар наспроти минатогодишните кои беа околу 3 тони. Земјоделците не сакаат да коментираат за цената, но се надеваат дека ќе се најде решение што нема да ги оштети ниту нив ниту мелничарите. Во меѓувреме слободниот увоз на евтина пченица е во полн ек. Увозниците ги полнат амбарите со пченица со различен квалитет. Очекуваат годинава цената на домашната пченица да се движи од 14 до 16 денари за килограм, а велат дека во моментов може да најдат пченица и 11 денари. Во ресорното министерство објаснуваат дека слободниот увоз не можат да го запрат.
– Жетвата ќе почне наскоро. В среда ќе се знае и цената по која ќе се продава пченицата годинава. Не можеме да коментираме дали и кога ќе се донесе одлуката за врзан увоз на пченица, а дотогаш секој на кој му се исплати ќе може да увезе пченица од странство – велат во Министерството за земјоделство.
За да можеа да увезат килограм пченица, увозниците лани мораа да откупат три килограми домашна, а за килограм брашно мораа да откупат четири килограми од домашниот род.
Земјоделците бараа да се почитува Законот за земјоделството и руралниот развој, односно да се потпишуваат договори и да се истакнуваат цени најмалку 10 дена пред откупот. Во исто време, да се почитуваат правилниците поврзани со откупот на пченицата, односно засилен инспекциски надзор, контрола на исправноста на вагите за баждарење во откупните пунктови, како и разумен процент на одбитоци на предадено количество.
– Цената ќе се знае за кратко, пред почетокот на жетвата. Не е фер да се шпекулира. Некои од нашите колеги даваат неразумни бројки. Но, факт е дека ќе се договориме – вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделците.
Во Сојузот на земјоделците велат дека цената не смее да биде пониска од ланската.
– Трошоците се исти, па дури и повисоки. Мислиме дека ланската цена е прифатлива и за нас и за мелничарите – објаснуваат во Сојузот.
Мелничарите, пак, велат дека голема конкуренција им е евтиното српско брашно. Единствено решение според нив е зголемена царина за увозното брашно, а во исто време зголемување на приносот на домашното производство. Исто така, бараат да се зголеми цената што Владата ја плаќа на дел од компаниите за чување на државните резерви од пченица.
Според официјалните податоци, лани во земјава се увезени 44.000 тони брашно за 293 евра за тон, а во 2011 година во земјава влегле 30.000 тони брашно за 331 евро за тон.
Процените се дека оваа година од засеаните 90.000 хектари со пченица, ќе се оженат од 260.000 до 280.000 тони, за разлика од лани кога производството изнесуваше 218.000 тони пченица. Околу 40 отсто од производството или 100.000 тони откупуваат мелничарите.
Годишните потреби на Македонија се од 250.000 до 300.000 тони. Ако се има предвид податокот дека ланските резерви во висина од 30.000 тони се префрлени во оваа година, тогаш на Македонија повторно ќе ~ недостигаат околу 150.000 тони пченица што ќе мора да ги увезе.
Извор:dnevnik.mk