Почетна / Вести Македонија / Од лозов отпад прават ѓубриво

Од лозов отпад прават ѓубриво

Некои од тиквешките лозари повеќе не ги палат изрежаните прачки, туку со специјална машина ги собираат и ги преработуваат во природно ѓубриво, со што се избегнуваат опасноста од пожари и загадувањето на околината.

Досегашната практика да се горат искроените лозови прачки во Тиквешко, со што се загадува околината, некои од лозарите веќе ја заменуваат со примена на светски искуства во искористувањето на отпадот. Со специјални машини ги собираат изрежаните прачки, ги преработуваат, а со тоа се постигнуваат повеќе ефекти. Со таков третман на отпадот се избегнува можноста од предизвикување пожари и загадување на природата.

– Обезбедивме посебна машина за дробење на лозовите прачки, која се вика мулчар. Се закачува на тракторот, како петтобразден плуг. Воопшто не е комплицирано. Kако што се лозовите прачки расфрлани низ лозјето по кроењето, се поминува низ редот и мулчарот ги дроби – објаснува лозарот Златко Стојчев од Сопот.

Со ваквиот современ третман се заштедува бидејќи лозовите прачки веќе не мора да се изнесуваат од редовите по резидбата.

– Нема штетно палење на планините од лозови прачки кои остануваат во купишта по резидбата. Тоа е многу важен еколошки момент кој треба да се има предвид. Се заштитува и околниот растителен и животински свет. За шест до осум месеци сомлените остатоци од прачките се распаѓаат и структурата на земјата станува поровка. Наместо да ставаме вештачко ѓубриво, сега во нивата има природно ѓубриво кое е еколошко и не ја стега земјата – објаснува лозарот.

Тиквешките лозари што на ваков начин ја збогатија својата земјоделска механизација велат дека мулчарите ги увезуваат од Италија, Грција, Германија или од Словенија. Една машина чини околу 3,5 илјади евра.

„Дневник” пред една година пишуваше дека секоја пролет огнот голта голема маса лозови прачки по тиквешките лозја во кои лозарите горат милиони евра. Стручњаците тогаш рекоа дека од суровината што со години оди во воздух светот прави иверка и брикети за огрев.

Kирил Чекоров, кој 35 години минал во агрокомбинатот „Тиквеш“, тогаш направи груба пресметка дека ако Kавадарци има околу 6.000 хектари лозја, а ако од секој хектар има по околу 2,5 тони прачки, значи околу 15.000 тони се горат секоја пролет само во Kавадаречко.

– Околу 30 илјади кубици дрва само во нашиот град може да се заменат со лозови прачки. Во цела Македонија многу повеќе, имајќи ги предвид другите општини во Тиквешко, но и помалите лозаро-винарски региони во државата – беше процената на Чекоров.

Ако сите лозари паметно го искористат отпадот од лозјата, велат упатените, ќе се сечат помалку дрва за огрев, а ќе се намали и бројот на пожарите. Оти палејќи одрежани лозови прачки, честопати производителите на грозје не сакајќи предизвикуваат пожари. Еден таков пожар имаше и неодамна.

Светлана Дарудова

Извор: dnevnik.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …