Почетна / Вести Македонија / Млекарницата „Бај-милк“ го заживува реканскиот крај

Млекарницата „Бај-милк“ го заживува реканскиот крај

Инвестицијата на печалбарот Бајрам Јахја од село Требиште вредна еден милион евра во млекарницата „Бај-милк“ е една од тие што го заживуваат долнореканскиот крај.

Објектот е со вкупна површина од 1.600 квадратни метри и има капацитет за преработка на 15 тони млеко дневно. Во млекарницата се произведува кашкавал, биено сирење и урда од кравјо млеко, а во иднина се планира производство од овчо и од мешано млеко. Тоа ќе значи и поголем број вработувања.

– Сега имаме шестмина вработени и преработуваме по пет тони млеко дневно. Сточарите најавуваат дека ќе го зголемат бројот на грлата добиток во дебарско-реканскиот и мавровскиот крај, а со тоа ќе се зголемат и количеството млеко. Така целосно ќе го искористиме капацитетот, ќе го зголемиме бројот на вработените, а со тоа и призводстто – вели Јахја.

Тој упати апел до сите печалбари што имаат можност да инвестираат во овој преубав регион. Со тоа ќе се врати животот во него зашто повеќе од половина од жителите се надвор од земјава, а стотици млади се без работа.

Млекарницата неодамна ја посети заменик-министерот за земјоделство Зоран Kоњановски. Задоволен од виденото искажа високи оценки, најпрво за определбата на Јахја да инвестира во родниот крај, за новите вработувања, како и за решавањето на проблемот со пласман на млекото во дебарско-реканскиот регион.

– Работата на оваа компанија е многу значајна за овој регион. Радува фактот што постои зголемен интерес за инвестирање во овој регион и тоа е од голема важност и за нас како Влада и за локалната власт, но пред с` за жителите од општина Маврово – Ростуше – рече Kоњановски.

Покрај субвенциите што владата ги доделува на млекопроизводителите, тој особено го нагласи фактот на нејзината определба за подобрување на условите за живот на граѓаните.

– Во тие рамки по неколкуте инфраструктурни зафати во повеќе населени места во општината од последната програма на Агенцијата за финансиска поддршка на општина Маврово-Ростуше и се одобрени 3,5 милиони денари за реконструкција на патот за Скудриње – изјави Kоњановски.

За градоначалникот Мукрем Мехмеди функционирањето на млекарницата е од големо значење за општината, особено за сточарите кои мака мачеа со пласманот на млекото. Сега не само од реканскиот крај, туку и од Дебар, целосно се откупува млекото по цена задоволителна за сточарите.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …