Почетна / Вести Македонија / Македонското земјоделство да се приспособи на климатските промени

Македонското земјоделство да се приспособи на климатските промени

Температурите во Македонија во следните 40 години се очекува да се зголемат за 1,8 Целзиусови степени, што е далеку повеќе од зголемувањето на температурите од близу 0,5 степени утврдено во изминатите 50 години.

Ваквото зголемување на температурите заедно со промената на врнежите во земјата се очекува сериозно да влијае врз земјоделското производство, бидејќи според проекциите, температурите во лето ќе се зголемат за 4 до 5 степени, а ќе се намали достапноста до водата за време на клучниот период за земјоделските култури, од мај до септември.

Овие очекувани идни промени ќе ја зголемат ранливоста на земјоделскиот сектор на земјата и на популацијата во руралните средини доколку не се преземат соодветни акции, се предупредува во новата студија на Светска банка за влијанието на климатските промени во земјоделството во регионот на Европа и Централна Азија.

Според сценаријата формулирани врз моделот на влијание на климата со среден интензитет, промените во однос на приносите во земјата ќе варираат од зона во зона. Така, производството на овошки, како што се јаболката и грозјето би можело да опадне за 45%, односно за 32%. Од друга страна, кај приносите од пченица добиена на површини кои се наводнуваат, како и на оние кои не се под систем на наводнување се очекува да се зголемат во сите агроеколошки зони, со можност во некои области тие да се удвојат.
– Земјоделците веќе се соочуваат со влијанието од климатските промени и нивниот живот зависи од нивната способност да одговорат на нив со помош од владата и од приватниот сектор – вели Вилијам Сатон, автор на студијата и водечки економист на Светска банка.

Од Светска банка препорачуваат да се подобри системот на едукација на земјоделците, особено за растечката суша и избор на сорти отпорни на штетници, подобрување на достапноста на хидрометеоролошките информации и обезбедување иницијативи за консолидирање на земјоделските домаќинства. На ниво на агроеколошки зони, пак, се препорачува подобрување на изборот на сорти на житарки и видови на добиток, достапност на водите и обновување на системите за наводнување и одводнување, како и промовирање мерки на контрола на ерозијата на почвата.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …