Топлото време што ја зафати Македонија позитивно се одрази врз земјоделството, но, доколку температурите се намалат, можни се проблеми во овоштарството, лозарството, градинарството, поледелството и пчеларството поради измрзнување, оценува Федерацијата на фармери (ФФРМ).
– Во моментот топлото време позитивно влијае врз производството од повеќе аспекти, забрзан развој на растенијата, поинтензивна фотосинтеза, намалени трошоци за загревање на пластениците (стакленици), што директно влијае врз крајната цена на производот особено кај доматите, краставицата и пиперката.
Доколку се намалат температурите, некои градинарски производи како зелката може да претрпат шокови што беше случај пред две години кога дојде до расцветување. Негативни последици ќе има и врз житата, велат од Федерацијата.
Фармерите стравуваат од евентуално нагло заладување зашто тоа може да доведе и до угинување на пчелните семејства кои веќе се однесуваат како да е пролет.
Извор: vecer.com.mk