Окрупнување на земјиштето и на производството, поголема конкурентност и подобар пласман се клучните придобивки од формирањето земјоделски задруги, процес што наскоро ќе се заокружи со законско решение. Правната рамка веќе се изготвува и треба да биде донесена за најдоцна два месеца, додека првите финансиски средства планирани за поддршка на задругарството ќе се реализираат во 2013 година.
– Со законската форма за задругите ќе биде направен револуционерен чекор напред кон подобро земјоделство. Токму здружувањето е првата и најбитна работа што треба да се реализира ако сакаме да зборуваме за современо земјоделство во Македонија – нагласи заменик министерот за земјоделство, Зоран Коњановски.
Според него, голем дел од производството и прометот во ЕУ земјите се одвива преку земјоделските задруги, во Германија 60% до 70% од производството на млечните производи, во Португалија над 15% од производството на вино, во Шпанија и Португалија 70% од производството на маслиново масло…
Производителите со овој закон ќе се изборат за подобри преговарачки позиции при продажбата, ќе станат поконкурентни, ќе ги намалат производните трошоци. Генерално, бенефитот од задругарството е повеќекратен, најмалку 5% пониски цени на репроматеријалите, поголема финансиска поддршка,…
– Ако задругата е од помал обем, членовите ќе добиваат 7,5% повеќе субвенции во однос на останатите земјоделци или до 15% повеќе ако задругата е од поголем обем. Доколку, пак, задругата аплицира за набавка на земјоделска механизација, државата ќе покрие до 90% од трошоците или до 20% за наводнување – рече заменик министерот.
Ќе се покриваат и дел од средствата што задругата ќе ги плати за осигурување на посевите, како и платите на менаџерите на задругата во првите години, најпрво 100 отсто, потоа 80, па 60 и на крај 40 проценти. Коњановски потенцира дека на земјоделците кои ќе бидат членови на задругите земјиштето не им се одзема како во времето на поранешна Југославија, туку останува во нивна сопственост.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=E0C33D3EA867AA43B60DE859607FB639