Почетна / Вести Македонија / За сушата чекаме спас од небото

За сушата чекаме спас од небото

На крај од летото нормално е водостоите да се на минимум, но далеку сме од апсолутни минимуми какви што имавме во 2000 и 2001 година. Kлучно е есенва добро да врне, а назима да падне снег, вели Јосиф Милевски од УХМР

 

Иако водостојот на реките во Македонија е многу низок, а штедроста на подземните извори е намалена, засега нема опасност од недостиг на вода за пиење и наводнување, затоа што во акумулациите има доволно вода, велат хидролозите. Kлучно е во октомври и ноември добро да врне, а назима да има снег и да биде со благи температури за да се дополнат акумулациите и Македонија да го надмине двегодишниот сушен период. Оваа година е спасена со големите количини дождови што паднаа во мај. Во спротивно, ќе беше мошне критично.

– Засега ситуацијата со водостоите е добра, нивото во акумулациите не се намалува затоа што завршија потребите од наводнување. Поради совршените дождови во мај, кои н` спасија од последиците од минатоесенската суша, сите акумулации се наполнија и цело лето немаше проблеми со наводнување, па затоа сега имаме добра жетва на оризот во Kочанско и добар род на јаболката во Ресенско. На крај од летото нормално е водостоите да се на минимум, но далеку сме од апсолутни минимуми какви што имавме во 2000 и 2001 година, на пример. Kлучно е есенва добро да врне, а назима да падне снег, но температурите да се благи за снегот да се топи. Ако падне многу снег, а н` зафатат поларни температури, од тој снег нема да имаме полза – вели Јосиф Милевски, раководител на секторот за хидрологија при УХМР.

Тој вели дека според искуството од минатите години, не се случило по две последователни сушни години, да има и трета сушна година. Односно, ако продолжи истиот тренд, треба да имаме и големи дождови и снегови.

– 2011 и 2012 година беа сушни години, но лани сушата не се чувствуваше премногу, затоа што сите акумулации беа преполни од резервите во 2010 година, која беше втора по количината врнежи во последните 100 години во Македонија. Најголеми количини дожд досега се забележани во 1962 година. Сега е видливо дека водостојот на реките е мал, но за нас поважни се подземните води и штедроста на изворите. Ако не заврне, први ќе секнат извори како Студенчица, на пример, и ќе има проблем за водоснабдување. Секако, постои генерален тренд на опаѓање на водите, но ние очекуваме дека ќе имаме добра есен. Хидролошката година почнува од 1 октомври – објаснува Милевски.

Тој вели дека и за есенските сеидби засега има доволно вода, а изминатиов период имало добри врнежи во Југозападна Македонија, каде што наврнале 70 милиметри дожд, како и во Струмичко и во Гевгелиско.

Соња Христовска

Извор: http://dnevnik.mk/default.asp?ItemID=142CA42ACC30034DA237600A5698327D

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …