Почетна / Вести Македонија / Влаинков: Имаше години кога винарите лудуваа по „смедеревка“

Влаинков: Имаше години кога винарите лудуваа по „смедеревка“

„Смедеревката“ како најконсумирано бело вино во социјализмот беше наменето за работничката, а во капитализмот за средната класа.


 Многумина ја критикуваат, со или без причина, но повеќето од луѓето ја сакаат. Со неа ги споделуваат и радоста и тагата. Грешка сте ако мислевте дека станува збор за некоја девојка. Едноставно станува збор за најконсумираното вино „смедеревка“, кое со децении се произведува во Тиквешко, најголемиот лозаро-винарски регион во Македонија.

– „Смедеревка“ може да пиете чиста, без да ја мешате, но и како „шприцер“ кога во неа ќе додадете кисела вода. Ако ја измешате со кисела вода и „швепс“, мраз и лимон, ќе добиете „бунар“ – објаснуваат Тиквешани, кои ги бие глас за најголеми пијачи во државата.

Течно злато

За да поразговараме за најкоментираното вино го посетивме Лазар Влаинков, кој важи за еден од најголемите мајстори за вино и за ракија во Тиквешијата. Потекнува од позната стара кавадаречка фамилија во која правењето вино било семејна традиција. Kако технолог за алкохол и ферментации, кој се школувал во странство, со години работел како стручно лице во најголемата винарска визба во Македонија, меѓу другото и како раководител на стручна служба и раководител на примарна преработка.

– „Смедеревката“ како сорта на грозје од која се прави лесно вино за пиење во Македонија била увезена околу 1925 година, по масовното уништување на лозјата од опасната болест филоксера, која го уништила лозарството во светот. Некои дури ова вино го нарекуваат вино за подголтнување, па го пијат наместо вода. И повеќе од вода – го започна тој разговорот.

69-годишниот Влаинков, кој сега е пензионер, ни објасни дека станува збор за многу родна сорта грозје со послаб процент на шеќер.

– Во минатото некои лозари се обидуваа да ни подметнат кисело грозје. Му додаваа шеќер, вода, земја, пепел, мед и што уште не. За да постигнат поголема сладост и да заработат повеќе, секако. Арно ама, кога набавивме автоматска сонда за мерење шеќерност, сите бегаа од неа нарекувајќи ја „штрколот“ оти навистина личи на преселната птица – раскажува Влаинков.

Препорачува да се намали родот на лозите со „смедеревка“ за да се добие во квалитет. Така и виното ќе било жолто како вистинско течно злато.

– А грозјето да не се бере во најлони кои се носат со тракторски приколки, туку во гајби. Еве ви е само мала споредба. Порано кога „смедеревката“ се носеше со кошеви, беше здрава и не протекуваше шира од неа, па слободно можевме да ја истураме на ткаени килими. Сега како што некои го носат грозјето, во несоодветни услови, ако се истури врз килим, ништо нема да остане од неговиот сок, целото ќе истече во неповрат. Ете, тука, треба многу да се внимава -предупредуваше.

Олимписки базен полневме со грозје

Иако пред неколку години најзастапената бела винска сорта беше критикувана како неквалитетна и непожелна, па беше препорачувано да се копачат лозјата со неа, Влаинков нагласува дека освен што е добра за пиење како чиста „смедеревка“, таа е идеална за мешање со други сорти.

– Таа прима својства од другите сорти грозје, но и дава. Тоа потрошувачот не може лесно да го забележи – рече.

Чичко Лазо памети години кога „смедеревката“ не била толку многу барана, но и години кога винарите биле луди по неа, како што во последните неколку години расте жедта за неа. Kажува дека многу винарски визби во Македонија прават вино од оваа сорта грозје, но секоја си има свој имиџ.

– Се сеќавам дека една година извезовме неколку милиони шишиња вино, од кои најголем дел „смедеревка“. Тогаш тоа беше голема количина. Ако порано во социјализмот виното од оваа сорта беше наменето за работничката класа, сега го консумира средната класа од капиталистичкото општество. Воопшто не е скапо, верувајте. И она што е најинтересно, најмногу го трошат жените, ама не за пиење, туку кога печат месо – коментираше тој.

Нашиот соговорник се сеќава на годините кога родот толку многу натежнал на лозјата, што едноставно не се знаело што да се прави со толку многу грозје.

– Беа тоа навистина комплицирани ситуации. Властите во тоа време се закануваа дека не смее ниту зрно грозје да остане по нивите. Затвор за вас, велеа, ако не се откупи целата количина од лозјата. Најстрашно беше во 1982 година. Ја наполнивме целата винарска визба. За да го собереме целото грозје од регионот, ги приспособивме за таа намена олимпискиот базен во Kавадарци и базенот во паркот, а резервоарите за вода на „Фени“ ги наполнивме со вино. А кога веќе го решивме проблемот, знаевме и да се пошегуваме. Така еден ми вика „ многу убаво вино сте направиле годинава, како ви успеа„, а јас му реков: „Е, па, ете магаре падна се удави во базенот и гледаш одма виното е поубаво“ – се смее чичко Лазо.

Имало многубројни такви анегдоти поврзани со некрунисаната кралица на белите сорти грозје, како што некои милуваат да ја наречат „смедеревката“. Имало и такви љубители на виното „смедеревка“ во странство што со денови чекале да стигне пратката со убавото вино, кое случајно се задржало малку повеќе на граница. Бидејќи „смедеревката“ била доста барана, се случувало дел од купувачите да ги условат дека ќе добијат „смедеревка“ ако купат и вино од друга сорта, кое помалку се трошело. Сепак, Влаинков додава дека стресната работа и тоа како влијаела врз неговиот живот.

– Стресно беше при секој откуп на грозје во тоа време. Во социјализмот лозарите ја чувствуваа винарската визба како своја и можеа без проблем да си дозволат ексцеси ако не беа задоволни од цената за килограм грозје. Од татко ти ли е винарската визба, си дозволуваа да кажат. Kако пушач, мислам дека за време на откупот на грозје го зголемував бројот на испушени цигари. Над 30 години пушев и сега, фала му на Бога, тоа е минато. Не пијам ниту кафе, само љубовта кон виното ми остана. Го пијам умерено, за здравје – ни призна овој пријатен човек.

Виното бара слуга

Многу е интересна изјавата дека ракијата бара газда, а виното слуга.

– Виното ќе се расипе ако секојдневно не си покрај него и не му посветуваш внимание како на мало дете. Бара постојана нега – дециден е винарот од кој многу генерации учеле како да прават вино.

А уште поинтересен е одговорот на прашањето зошто келнерите и жените повеќе го сакаат белото од црвеното вино. За да не ги извалкаат чаршафите на масите со дамки што тешко излегуваат.

Светлана Дарудова


Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …