Почетна / Вести Македонија / Турскиот ориз во Kочанско ќе го спасува извозот

Турскиот ориз во Kочанско ќе го спасува извозот

На дваесетина хектари во Kочанско оваа есен првпат ќе се жнее ориз од турски сорти, кои беа посеани пролетва, заедно со останатите 4.500 хектари на кои од поодамна се сее главно италијанската сорта „сан андреа“, од која потекнува 99 отсто од оризот што се произведува во Македонија.

Викендов официјално почна жетвата на белото злато во Kочанско. Во рамките на традиционалната манифестација Денови на кочанскиот ориз, завчера беа претставени првичните резултати од реализацијата на проектот за производство на турски сорти, а присутните можеа да пробаат и специјалитети со турски ориз. Проектот е дел од соработката меѓу владите на Македонија и на Турција и целосно е финансиран од Турската агенција за помош и соработка (ТИKА), а поддржан е од нашето Министерство за земјоделство и од кочанската локална самоупрва.

На кочанските површини пролетоска беа посеани 14 сорти турски ориз, од кои по 200 килограми семенски материјал добија и 20 оризопроизводители во Kочанско, кои засеаја по еден хектар со некоја од турските сорти.

Првичните резултати од реализацијата на проектот се надежни. Kако што беше истакнато на површините на одделот за ориз во Kочани, адаптацијата и вегетацијата на турскиот ориз завршила успешно, површините се подготвени за жнеење, а првиот индивидуален земјоделец што жнеел турски ориз добил приноси од 800 килограми оризова арпа од декар. Некои од сортите созревале за жетва две недели пред одомаќинетата „сан андреа“, што е многу важно, зашто со порана жетва се избегнуваат ниските температури и дождовите во октомври и во ноември.

– Со колегите од Турција работиме максимално сериозно на проектот, чија реализација треба да трае две години. Досега турските сорти добро напредуваа, некои созреваат побрзо за 15 дена, а колкави ќе бидат точните приноси од нив ќе видиме по жетвата. Драгоцена е оваа соработка – вели Добре Андов од одделот за ориз при Земјоделскиот институт.

Експертите истакнаа дека Турција под ориз има околу 100.000 хектари, со кои не се задоволуваат потребите на големиот турски пазар. Македонија, пак, со 4.500 хектари целосно го покрива домашниот пазар, а половината од производството извезува, но со извозот има сериозни проблеми. Некогаш во Kочанско и во соседните општини површините под ориз беа двојно поголеми, но тогаш се покриваше големиот југословенски пазар, чија замена сега би можел да биде турскиот. Во нововоспоставената соработка некои гледаат и надеж дека конечно ќе се надминат дел од сериозните проблеми на нашето оризопризводство – доцната сеидба и жетва, сушењето, нискиот рандман, квалитетот на препаратите за заштита, старата механизација и техника за преработка.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …