Лозарите не ќе може да продаваат вино ако не се лиценцирани и ако не се високо образовани или немаат вработено лице во фирмата што ја основале.
Лозарите не ќе може да произведуваат вино и ракија во домашни услови и потоа да го продаваат ако не се лиценцирани и не се високо образовани или немаат вработено лице во фирмата што ја основале. Ова е само една од одредбите предвидени со новите измени во Законот за виното. Во исто време остануваат во сила старите членови според кои за да се ископачи старото лозје, да се насадат нови лози или да се произведе вино, потребно е писмено одобрување од министерот за земјоделство. Одобрувањето е потребно и ако сопственикот на лозјето реши да ги прекалеми лозите. Ако некој постапува спротивно на законските одредби, може да заработи казна која е над 15.000 евра. Изготвувачите на законот велат дека основна цел е доуредување на меѓусебните односи на производителите на винското грозје и производителите на вино и заштита на нивните интереси.
– Здружувањето на производителите на вино, заштита на интересите на потрошувачите на вино и подобрување на функционалноста на внатрешниот и надворешниот пазар на винското грозје и виното се само дел од придобивките на овој закон. Се предвидува основање на Македонската национална асоцијација на винарници, при што членови на асоцијацијата може да бидат сите регистрирани производители на вино во земјава – стои во законот.
Стоп за нерегистрирани винарници
Во Владата објаснуваат дека од досегашното искуство од редовните и засилени контроли спроведени од страна на Државниот инспекторат за земјоделство на винарските визби, како и на физичките лица што се бават со производство на вино, констатирана е појава на нерегистрирани винарски визби како и физички лица кои пуштаат вино во промет спротивно на законските одредби.
– Имајќи предвид дека постојните прекршочни одредби не го остварија посакуваниот ефект во надминување на таквите состојби и намалување и искоренување на сивата економија во областа и заштитата на потрошувачите, предлог-законот предвидува и зголемени прекршочни казни за дел од прекршоците што сериозно го загрозуваат функционирањето на пазарот и може да имаат негативно влијание на здравјето на потрошувачите на вино – велат извори за „Дневник“.
Со измените на законот, промет со вино може да врши физичко и правно лице кое располага со соодветни простории и опрема за производство на вино во своја сопственост или користи такви кои се во сопственост на друго физичко или правно лице кое нема финансиски обврски за купено винско грозје во претходните години. Ако производителот е правно лице, мора да има вработено најмалку едно лице со завршено високо образование од областа на винарството или лозарството, а ако е физичко лице треба да има завршено високо образование од овие области.
Воведување ред со високи глоби
Kазните предвидени со законот се многу високи. Глоба во износ од 10.000 до 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко или на правно лице ако додава сахароза во вино. Исто толкава казна се предвидува ако се произведува и се става во промет вино без да биде запишан во Регистарот на производители на вино. Глоба во износ од 4.000 до 7.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во фирмата за истите прекршоци. Покрај глоба, правното лице ќе добие и забрана за вршење дејност во траење од една до пет години.
Со измените се уредува и надворешниот промет со виното. Предвидено е да се направи Регистар на увозници и регистар на извозници на вино.
Производството на вино во Македонија се одвива во 86 официјално регистрирани винарски визби со вкупен капацитет од околу два милиона хектолитри. Официјалните статистички податоци говорат дека осумдесет отсто од произведеното вино се извезува како налевно, а само 20 отсто како финален производ во шишиња. Минатата година само 19,6 отсто од виното било во шишиња, а остатокот се извезол како репроматеријал кој се доработува во Европската унија. Лани од речиси 600.000 хектолитри кои ја поминале границата, 480.000 хектолитри се вино во цистерни, а само 120.000 хектолитри вино во шишиња. Експертите велат дека состојбата е таква поради немањето пазари што би го консумирале нашето вино, малите винарски капацитети кои се недоволно развиени и слабата промоција во странство.
Без развиено лозарство нема винарство
Лозарството претставува важна стратешка индустриска гранка во земјава од областа на растителното производство. Заедно со производството на вино придонесува со околу 17 до 20 отсто од земјоделскиот БДП. Вкупната површина под лозови насади во периодот од 2004 до 2007 година е намалена за околу 14 отсто од 24.777 ха во 2004 на 21.312 ха во 2007 година.
Спротивно на овој негативен тренд на опаѓање на површините под лозови насад, и во 2008 година е забележан пораст од 1.089 ха во однос на 2007 година. Ова зголемување на лозови насади продолжува и во следните години, па така лани под оваа култура имало 23.762 ха.
Валентина Ангеловска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=5D700DB88AD0074C87B9CF4142D185CB