Црвени големи домати, пиперки со примамлива боја, големи праски или кромид се присутни на домашниот пазар. Но често тие немаат ниту мирис ниту вкус и освен по формата и специфичниот облик, по ништо друго не можете да препознаете што купувате.
Сортите од зеленчук и овошје, кои сега се произведуваат, се поотпорни на транспорт, даваат повеќе род, но немаат вкус. Од познатите сорти „тетовски грав“ „кочански ориз“, „скопски јабучар“ останаа само рекламите. Гравот е од германско семе, оризот од италијанско, а доматите се најчесто произведени од бугарски семиња. Надлежните велат дека одамна се загубени македонските сорти, но ова не се случува само кај нас, туку насекаде во светот. Во Министерството за земјоделство велат дека 75 проценти од разновидноста во растителните култури што се користеле за производство на храна се изгубени.
– Генските ресурси кај животинските видови во светот се во драстично опаѓање. Во текот на дваесеттиот век се случиле многубројни, структурни глобални промени во биолошката разновидност, а посебно во разновидноста во земјоделството. Се смета дека 75 отсто од разновидноста во растителните култури што се користеле за производство на храна се изгубени. Слична е состојбата и во сточарството каде што кај 30 проценти од расите постои висок ризик од потполно исчезнување, а дополнително во просек секој месец, глобално, трајно се губат по 6 раси – велат во Министерството за земјоделство. Од таму објаснуваат дека земјава не е исклучена од глобалните и од регионалните процеси кои доведуваат до намалување на биолошката разновидност.
Имаме три ген-банки
– Затоа се оди кон активности што се иницираат, развиваат и се реализираат со цел да се заштити биолошката разновидност. Во нашава земја има три овластени лаборатории – ген-банки за чување автохтони сорти растенија што се произведуваат во Македонија, кои се оформени по претходно распишан јавен конкурс. Ген-банките се сместени во Земјоделскиот институт во Скопје, на Земјоделскиот факултет во Штип и на Научниот институт за тутун од Прилеп. Тие се должни да го одржуваат и да го чуваат семето во активна состојба – велат во ресорното министерство. Потоа се изготвува листа со автохтоните сорти растенија, кои научно треба да бидат докажани, односно заштитени и тоа се спроведува од страна на овластени научни установи, кои ќе ја испитуваат производната вредност на сортата. Дури потоа таа може масовно да се произведува и да се сертифицира со етикета за да може да се пласира на македонскиот пазар.
Во земјоделските здруженија велат дека во нашата земја има регистрирани правни лица кои произведуваат сертифициран семенски и саден материјал од домашни сорти пченица, јачмен, тритикале, овес, сточен грашок, луцерка, маслодајна репка, соја, тутун, афион и пиперка, како и овошни растенија и винова лоза.
– Семенскиот и садниот материјал од овие култури се пласираат на македонскиот пазар и според нашите искуства овие сорти се застапени на домашните полиња. Многу помалку сорти има од странски семиња бидејќи овие растенија помалку се приспособени на домашните почвено-климатски услови – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.
За другите култури, особено за зеленчуците, според него, најмногу се користи семе од увоз бидејќи, иако е поскапо, дава поголем принос.
Увозните семиња повеќе раѓаат
– Многу малку од нашите земјоделци произведуваат сертифициран семенски материјал бидејќи мора да се поврзат со фирма што има одобрение за вакво производство. Иако субвенциите се 250 евра од хектар, производството е тешко и неисплатливо – велат во Сојузот на земјоделците на Македонија.
Граѓаните, пак, коментираат дека одамна не јаделе добри македонски овошја и зеленчуци. С` почесто им се нудат чудни производи на пазарите.
– Доматите веќе немаат вкус, пиперките не мирисаат на пиперки. Порано од далеку се чувствуваше мирисот на јагодите, а сега с` е некако пластично, односно за око прекрасно, а нема никаков вкус. Kупувам само од одредена тезга каде што знам дека с` уште се произведуваат традиционалните домати, краставици, јаболка, зелка – вели Јане од Скопје.
Валентина Ангеловска
СЕ ЗАШТИТУВААТ И ДОМАШНИТЕ РАСИ
Министерството за земјоделство донесе Програма за заштита на биолошката разновидност во сточарството за период 2011-2017 година. Во согласност со Законот за сточарството, зачувувањето на генската варијабилност и генските резерви на добитокот претставува јавна услуга на генската банка. Kај нас се води и регистер на автохтони домашни животни. Во регистарот досега се запишани: Здружение за заштита на овцата „праменка-овчеполка“ и Здружение за заштита на говедото „буша“.
Извор: dnevnik.mk