Трговската кавга помеѓу Брисел и Пекинг може да ги поскапи европските вина за кинеските купувачи, кои ќе може да најдат добра замена во македонските вина, велат во Министерството за земјоделство.
Сончевите колектори нема да поскапат во Македонија, а домашните винари треба да ја бараат својата шанса за зголемен пласман на кинескиот пазар. Ова е сублимираниот одговор на прашањето како ќе влијае врз македонското стопанство новоотворената трговска војна помеѓу Европската Унија и Kина. Имено, властите во Пекинг започнаа антидампинг-истрага за виното, кое се увезува од земјите-членки на ЕУ по одлуката на Европската комисија да воведе повисоки царини за увозот на соларни панели од Kина, кои се субвенционирани од тамошната влада.
Во Министерството за земјоделство велат дека царината за европските вина ќе значи повисока цена за кинеските купувачи, кои ќе може да најдат добра замена за нив во македонските вина. Неодамна нашите винарници се промовираа на најголемиот кинески саем за вино, кој се одржува во градот Гвандонг во јужна Kина. На овој саем учествуваа повеќе од 500 изложувачи од 20 земји и истиот привлекува повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино од цела Kина.
– Трговската војна меѓу Kина и ЕУ е добра шанса за нас, која мора да се искористи. Во прилог на ова оди и неодамнешното учество на наши винарници на саемот во Kина. Од кај нас се претставија „Тиквеш“, „Стоби“, „Сковин“, „Далвина“, „Попов“, „Бовин“, „Kамник“, „Дудин“, „Езимит“, „Имако“ и „Попова Kула“. На натпреварот за вино, кој се одржа во склоп на саемот, учествуваа 130 вина од 20 земји од светот, а беа наградени вината на „Стоби“ и на „Бовин“ – велат во Министерството за земјоделство.
Оттаму велат дека нашите винарници треба да поработат на промоција и на презентација и дека новонастаната ситуација меѓу Kина и ЕУ може да придонесе до енормно зголемување на извозот на вино во шишиња на кинескиот пазар. Со сличен став се и винарниците што ги контактиравме. За нив е многу битно заеднички да настапат на пазарот и да го задржат квалитетот на виното што го фаворизираат кинеските потрошувачи.
Увозниците на соларни панели им порачуваат на македонските граѓани дека и годинава ќе може да поставуваат колектори по стара цена. Македонија с` уште не е членка на ЕУ, па затоа нив не ги засега одлуката на Европската комисија за зголемување на царината на кинеските соларни панели за речиси 12 отсто, а потоа и за 48 отсто ако не се постигне договор со Kина.
– Ние увозот го правиме директно од кинеските фабрики. Цената за нас останува иста. Бидејќи с` уште сме надвор од системот на ЕУ, таа царина не важи за нас – велат во фирмата „МФЦ-солар“ од Прилеп.
Во Министерството за економија објаснуваат дека согласно со царинскиот закон, царинењето зависи и од тоа дали стоката има преференцијално и непреференцијално потекло.
– Преференцијалното потекло се користи за трговија со стоки што потекнуваат од земји со кои Република Македонија има преференцијален трговски режим (ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Украина и Турција) и обезбедува повластен третман при трговијата со стоки согласно со правилата пропишани во договорот за слободна трговија. Бидејќи Народна Република Kина не спаѓа во земјите со кои Република Македонија има преференцијален трговски режим, тоа би значело дека не треба да очекуваме никакви промени во однос на цената на кинеските соларни панели. Непреференцијалното потекло секако повлекува примена на царински и на други давачки без преференцијали за увозникот или извозникот – велат во ресорното министерство.
Од 2007 година, па досега, Министерството за економија преку јавен конкурс субвенционира по 300 евра околу 2.500 сончеви колектори. Инаку, нивната цена се движи од 500 до 2.000 евра во зависност од капацитетот и од квалитетот. Македонските колектори со надворешен бојлер чинат од 700 до 1.000 евра. Најевтини се кинеските соларни колектори, а најскапи се тие од француско производство.
Kинезите веќе пијат македонски вина
Седум македонски винарници од здружението „Вина од Македонија“ извезуваат вина на кинескиот пазар.
Винарниците лани во септември потпишаа договор со кинескиот увозник и дистрибутер „Тиенџин“.
Се извезува пакувано вино, а за една година е планирано да бидат извезени над 40 контејнери или околу 456 илјади шишиња. Вредноста на договорот само за првата година е 1,5 милион евра.
Извор:dnevnik.mk