Вкусните овошја и зеленчук што со векови виреат на нашите ниви не издржуваат далечен транспорт и токму поради тоа земјоделците се преориентираат кон увозно семе.
„Пластични“ домати без мирис и без вкус, јагода која мами со изгледот, но нема никаков вкус или пиперка која само личи на познатата „куртовска капија“. Ова е сегашната слика на македонските пазари. Мирисот на свежо овошје и зеленчук што порано ги мамеше потрошувачите и ги тераше да купат килограм повеќе, веќе може да се почувствува само во мислите. Доматите се без вкус, пиперките не мирисаат на пиперки, јагодите се големи, црвени, ама с` помалку имаат вкус на јагоди. Вака коментираат и пазарџиите и купувачите. Со носталгија зборуваат за некои не така дамнешни времиња кога вкусот на домашните домати, пиперки, јаболка, јагоди беше понаков. Мислењето го делат и земјоделците, тие кои до неодамна се држеа до традицијата и исклучиво се водеа по тоа дека само семето од дедо и прадедо е најдобро. Пазарот, поголемата продуктивност на новите сорти и лесниот транспорт ги натера за кратко да го сменат имиџот на нивите и наместо традиционално производство, да садат само тоа што може да го извезат. На македонските ниви с` почесто се сади бугарско, грчко, белгиско, германско или италијанско семе.
Домашно семе
Во Министерството за земјоделство признаваат дека пазарот е преплавен со увозни семиња, но и дека водат кампања да добијат поголеми субвенции за оние фармери што ќе решат да го заштитат домашниот семенски материјал. Но, за жал, засега многу малку од нив ја користат оваа можност.
– Порано имавме доволно производство на домашен семенски и саден материјал, но сега сме зависни од увоз. На земјоделците полесно им беше да се приспособат на пребирливите европски пазари и да го произведуваат тоа што тие го бараат, наместо да го задржат препознатливото домашно производство. Традиционалните сорти овошја и зеленчук кои до скоро се произведуваа на нашите ниви не издржуваат далечен транспорт и токму поради тоа земјоделците произведуваат поиздржливи сорти од увозно семе наменето токму за нивните пазари. Но, за жал никој од нив не ги почитува домашните потрошувачи и нивните навики и наместо да им го даде тоа на што навикнале, им сервира европски сорти – велат во ресорното министерство.
Граѓаните, пак, коментираат дека одамна не јаделе добри македонски овошја и зеленчуци. С` почесто им се нудат чудни производи на пазарите.
– Доматите веќе немаат вкус, пиперките не мирисаат на пиперки. Порано од далеку се чувствуваше мирисот на јагодите, а сега с` е некако пластично. Односно на изглед прекрасно, а нема никаков вкус. Kупувам само од одредена тезга каде што знам дека с` уште се произведуваат традиционалните домати, краставици, јаболка, зелка – вели пензионерката Мирка Пановска, која ја сретнавме на скопското Зелено пазарче.
Се сади тоа што се продава
Во Министерството објаснуваат дека иако државата дава големи субвенции за производство на сертифициран саден материјал, многу малку земјоделци се трудат да ги вратат традиционалните домашни сорти.
– Точно е дека се субвенционираат и увозните сорти бидејќи тие даваат повисок принос од 20 до 30 отсто за разлика од домашните. Поотпорни се на транспорт и тоа ги мотивира земјоделците да ги користат бидејќи градинарството и овоштарството се ориентирани кон извоз – велат во Министерството за земјоделство.
Земјоделците потврдуваат дека најмногу користат семе од увоз кое иако е поскапо дава поголем принос. За нив „пластичните“ домати се поисплатливи бидејќи издржуваат транспорт, не скапуваат и секогаш има кој да ги купи.
– Домашните сорти се нерентабилни и иако се многу вкусни никој не ги сака надвор од границите. Нашите членови садат само тоа што може да го продадат. Розовиот домат кој беше типичен за македонското подрачје, веќе одамна го нема на пазарот. Ако продолжиме вака, ќе ја изгубиме смислата за убава храна бидејќи с` ќе личи едно на друго – вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.
Во Сојузот на земјоделците велат дека многу малку од нашите земјоделци произведуваат сертифициран семенски материјал бидејќи мора да се врзе со некоја фирма која има одобрение за вакво производство. За нив иако субвенциите се 250 евра од хектар производството е тешко и неисплатливо.
„Монсанто“ се откажа од извоз на ГМО во Европа
Најголемата светска компанија за производство на генетски модифицирана храна (ГМО) „Монсанто“, го откажа извозот на ГМО-пченица во Европа, по протестот „Марш против Монасанто“ кој се одржа во 52 земји, јавија светските медиуми.
Дури и длабоките корпоративни џебови на „Монсанто“ и мајсторите за лобирање не успеаја во Европа, па нивниот портпарол рече дека било контрапродуктивно да се „борат против ветерници“. Оваа одлука беше донесена по протестите одржани во минатата сабота кога граѓаните од 400 града во 52 земји излегоа на „Маршот против Монсанто“.
Извор: dnevnik.mk